Мбапе: Азар ми е досега најдобриот противник

Ѕвездата на ПСЖ, Килијан Мбапе со исклучителни пофалби зборуваше за играчот на Челзи, Еден Азар, кој остана надвор од топ-3 во конкуренцијата за „Златна топка”. Според французинот, Азар е човекот кој му оставил најголем впечаток во меѓусебните дуели.

Франција и Белгија играа полуфинале на СП 2018, а очигледно светскиот шампион се уште не заборавил какви мајстории покажал плејмејкерот и покрај загубата на својот тим.

„Бев изненаден од брзината на неговите настапи, тој е најдобриот играч што сум го гледал оваа година. Азар ме импресионираше најмногу”, рече Мбапе во интервју за „Франс Фудбал”, кој пред два дена му ја врачи „Златната топка” на хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ.

„Со белгиската селекција во полуфиналето Азар беше импресивен, а во исто време се однесуваше многу коректно. Кога играта го приморуваше да подава, тој тоа го правеше без никаква резерва. Тој е вистински ѓавол на теренот. Понекогаш бев на 5 метри од него и навистина бев изненаден. Топката просто му се лепеше на нога. Никој покрај него не може да остане рамнодушен.“, изјави Мбапе.