Спорт

Мбапе ги испрати Аргентина и Меси дома, Франција во четвртфиналето

Мбапе ги испрати Аргентина и Меси дома, Франција во четвртфиналето

Фудбалерите на Франција се пласираа во четвртфиналето на Светското првенство во Русија откако во саботата во Казан во осминафиналето во спектакуларен меч достоен за реномето на составите на двете селекции ја совладаа Аргентина со 4:3 (1:1), а јунак на дуелот бепе 19-годишниот Килиaн Мбапе кој избори пенал а ги постигна решавачките два погодока за „Триколорите“.

Покрај Мбапе, кој со головите во 64 и 68 минута направи пресврт во полза на својата репрезентација за Франција беа и Антоан Гризман во 13 минута од пенал направен над Мбпапе и Бенжамин Павар во 57 минута, додека за Аргентина стрелци беа Анхел Ди Марија во 41, Габриел Маркадо во 48 и Сергио Агуеро во третата минута од судиското продолжение.

Аргентина и покрај трите гола, со кои докажа дека располага со играчи кои може да направат пресврт и се неспорни ѕвезди, како и оние кои доаѓаат како Паоло Дибала кој не доби шанса на турнирот, одигра уште еден дуел под своето ниво. Франција, пак, со играта што ја постави поранешниот капитен сега селектор Дидие Дешам, конечно во Русија одигра еден добар натпревар, а брилјираше Килијан Мбапе. Франција прва се закани уште во 9 минута, кога Антоан Гризман од слободен удар од 22 метри ја погоди пречката. Но во 13 минута Французите поведоа, кога Мбапе од својата половина трген сам во противнапад, неколку аргентински одбранбени играчи се обидоа да го запрат, но и покрај нив силно претрчувајќи ја половината од игралиштето влезе во шеснаесетникот каде што беше соборен од стоперот Маркос Рохо, а иранскиот судија покажа на белата точка, од каде што реализираше Антоан Гризман. Во 21 минута аргентинскиот гол беше уште еднаш опасно загрозен, кога повторно на работ од шеснаесетникот откосо беше соборен незапирливиот Мбапе. Но овој пат Пол Погба го префрли живиот ѕид, но и аргентинскиот гол. Аргентина беше и натаму безопасна иако имаше во еден момент посед на топката од 70 отсто, но сепак во 41 минута од акција којашто не ветуваше ништо посериозно, „Гаучосите“ израмнија на 1:1. Стрелец беше Анхел Ди Марија, кој на ова првенство се вклопи во сивилото на селекцијата, но од 28 метри подзаборавен од француската одбрана со фантастичен удар ја затресе противничката мрежа.

Шокираните Французи од голот на Ди Марија, кои беа сигурни дека дотогаш го контролираа мечот, уште еднаш беа шокиран веќе во 48 минута. Стрелец беше Габриел Меркадо, откако Ди Марија изведе ткн скратен корнер пред голот на Франција, топката беше одбиена до Лионел Меси кој не испушти прилика во противничкиот казнен простор да си создаде простор за удар кон голот, но топката некако ја сврти Меркадо во небранетиот дел. Но пресвртите на овој судир не заврши тука. Во 56 минута недоразбирањето меѓу аргентинскиот голман Армани и бекон Фази,за малку не го казни Гризман, но само минута подоцна францускиот бек Павар од 16 метри постигна неодбранлив фантастичен погодок за 2:2. А потоа до израз дојдоа и реализаторските способности на Мбапе, прво во 64 минута по нафрлање во аргентинскиот казнен простор одлично се снајде и поентираше за враќање на водството на страната на „Галските петли“, а во 68 минута од полуконтра се чини ги закопа аргентинските надежи за водство од 4:2. До крајот на мечот Аргентина успеа само да го ублажи поразот, и тоа кога во судиското продолжение резервистот Серхио Агуеро, по втората денешна асистенција на Меси, со глава ја затресе мрежата на Љорис.

Во саботата вечерта во 20 часот во Сочи се игра уште еден дуел од осминадиналето во кој се среќаваат Уругвај и Португалија, а победникот од овој меч ќе се сретне во четврфиналето со Франција на 6-ти јули во Нижни Новгород.