Меџити: Детската болница Козле прерасна во Клиника за респираторни заболувања кај децата, ова е голем чекор напред

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска беше во посета на Детската болница Козле која што прерасна во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата по донесената одлука од Владата на Република Северна Македонија.

Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

„На наше големо задоволство денеска сме во посета на Детската болница Козле, која по донесената одлука од Владата, прерасна во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, со што се обезбедува подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.

Ова е голем чекор напред за установата и признание за посветената работа и заложбите на раководството и на целиот медицински и немедицински персонал, кој применува стручен и мултидисциплинарен пристап од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека Универзитетската клиника Козле која како установа постои веќе 72 години, претставува единствен центар на Балканот кој третира исклучиво респираторни заболувања, односно заболувања на дишните патишта кај децата. На годишно ниво овде се вршат над 35 илјади амбулантски прегледи и над 4 илјади хоспитализации на деца со респираторни заболувања, а стручниот кадар опфаќа 55 доктори специјалисти и супспецијалисти од над 200 здравствени работници.

Со прераснувањето во универзитетска клиника, оваа установа се зајакнува како наставно-научна база во рамки на која врвниот стручен кадар ќе го пренесува своето знаење и искуство на помладите специјализанти и студенти.

На крајот, сакам да им честитам на медицинскиот и организацискиот директор, како и на целокупниот кадар за исклучителната посветеност, која верувам ќе продолжи и во иднина“, изјави Меџити.