Mеѓународна конференција „Жени во индустријата“ – родова еднаквост за поголем развој

29

Под мотото „Здружени лидери за унапредување на родовата еднаквост“, во Скопје започна дводневната меѓународна конференција „Жени во индустријата“, на која домашни и странски експерти од повеќе области ги презентираа состојбите во компаниите и организациите во врска со родовата еднаквост во насока на подобрување на продуктивноста и општите перформанси. Преку презентации и дискусии, на конференцијата беше посочена и неопходноста од создавање на соодветен пристап за жените до сите работни позиции, како решение за недостигот на работна сила што е се поевидентен и кај нас.

Меѓународната конференција „Жени во индустријата“ ја отвори претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

„Како земја членка на меѓународната заедница, нашата земја се обврза да ги спроведе потребните мерки за да ги оствари Целите за одржлив развој на Обединетите Нации до 2030 година. Тоа имплицира дека ниту една од овие цивилизациски и хумани цели нема да биде остварена ако не ги вклучува девојките и жените како суштински фактори за остварување, или како целни групи на кои се однесуваат глобалните Цели за одржлив развој“, истакна премиерот Заев и додаде дека намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски раст.

„Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените. Економски силните девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата, со остварување на нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работните места и на нивното право да бидат на раководни позиции“, подвлече премиерот Заев.

На конференција „Жени во индустријата“ се обрати и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.

Во рамки на конференцијата свои излагања има учесници од различени профили, меѓу кои извршни директори, сопственици, претседатели, менаџери и жени вработени во сите организациски нивоа на домашни и меѓународни компании, како и студенти и активисти. Експертите од Северна Македонија, Австрија, Италија, Холандија и Шведска дискутираа на различни теми, вклучувајќи и: развој на кариера, едукација, вработување, модели за поголемо ангажирање и задржување на вработените.

Меѓународната конференција „Жени во индустријата“ се организира трета година по ред. Организатори се Асоцијацијата на здруженија на инженери и ЕВН Македонија АД.

„Горди сме што сме дел од оваа меѓународна конференција чија главна цел е промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жената во општеството. Како дел од индустрија во која доминираат мажи, сакаме да придонесеме кон рушење на стереотипите и преку соптвен пример да покажеме дека жените играат важна улога во компаниите и даваат незаменлив придонес во сите општествени активности “, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

ЕВН Македонија веќе подолг период спроведува програми за поголема застапеност на жените во компанијата, а бројот на жени кои работат во оваа енергетска компанија расте на сите хиерархиски нивоа.

„Жени во индустријата“ е меѓународна конференција со економски императив за создавање родово инклузивен и одржлив раст, фокус на презентирање програми и иницијативи кои го забрзуваат вклучувањето на жените во работната сила, идентификување на алатки кои ќе го олеснат пристапот на жените до разните кариерни можности, како и обезбедување средина во која жените професионалци и студентите имаат можност да преземат конкретни чекори кон унапредување на кариерата преку вмрежување и проширување на можностите за образование.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.