Меѓународна уметничка изложба на „ААмА“ во битолскиот Офицерски дом

Ликовната есенска сезона во битолскиот Офицерски дом почна со 19. издание на големата меѓународна ликовна изложба „ААмА“.

„ААмА“ ќе биде изложена во светските галериски простори во познатите центри во Европа, Африка, Азија и Америка, а во Северна Македонија изложбата доби поддршка и одговор од 120 уметници од 80 држави.

„Во подготовката, селекцијата, кураторството и многу други активности учествуваа голем број истакнати ликовни уметници, куратори, ликовни критичари, културни работници меѓу кои Марија де ла Вега од Аргентина, Марио Квадрароли и Марио Диеголи и професорот Ренато Галбусера од Италија, Мартин Кенеди од Сејшели, Мартин Бредли од Велика Британија, Теја Лами од Финска, македонските уметници Владо Горески и Лили Бошевска, како и Филип Читарини од Франција и Арлиндо Арес од Португалија. Изложбата е уникатна тематски, по бројот на застапени уметници, техниките кои се користени, времетраењето, географската застапеност и секако по благородната идеја и порака која ја пренесува оваа светска изложба. Со вернисаж презентирањето на оваа значајна изложба се интензивира меѓународна ликовна соработка и го етаблира Офицерски дом како галериски простор со сериозни ликовни можности и меѓународна препознатливост“, соопштија од ЈОУ КИЦ-Битола.

Во 2023 година, градот Битола преку овој настан ќе биде носител на главниот проект кој ќе биде дистрибуиран во значајни ликовни центри во светот.