Медицинскиот тим на АРМ нема да работи самостојно во НАТО-мисијата во Авганистан, поради оценката на доктор-„Нема основни познавања од хирургијата“

Неодамна до редакцијата на Нетпресс стигна информација (извештај) според кој главниот хирург во медицинскиот тим од Македонија испратен на мисија во Авганистан, а кој овој месец беше на обука во Норвешка, а на 1 март треба да замине за Авганистан, заедно со норвешкиот тим, од страна на Норвежаните е оценет со: „Нема основни познавања од хирургијата“.

Обуката е одржана во касарната Сесволмоен (2-5 февруари), а оценката ја соопштил д-р Бјорн Оле Реид:

„Анестезијата е океј, ортопедијата е океј, медицинските сестри одлични, општата хирургија е најслаба алка. На вашиот општи – висцеларен хирург му фалат основни хируршки вештини кои не можат да се научат за три дена“.

Поради ова македонскиот хируршки тим нема да работи самостојно во базата во Кабул, туку ќе се присоедини со норвешкиот хируршки тим.

„На што немав како да коментирам освен дека тоа е објективната реалност“, вели известувачот на нашиот тим во вонредното известување до Министерството за одбрана.

Главниот известувач истакнува дека лично бил разочаран од оценката, како и другите членови на тимот поради ниското ниво на прикажани хируршки вештини на нашиот колега во областа на висцеларната мекоткивна хирургија, што делувало премногу деморализирачки и разочарувачки кај целиот тим.

Секој член на тимот го искажал своето мислење на нивниот состанок, заради евидентната нервоза и нетрпеливост кои биле јасно видливи.

„Сите го искажаа својот став и речиси целиот тим беше крајно критички, нервозно, разочарувачки настроен кон колегата. Самиот доктор се изјасни дека е задоволен од она што го прикажал, спротивно на сите други, што предизвика дополнително остри реакции, се обидов да ја смирам ситуацијата и го завршив состанокот“, пишува во вонредното известување до МО.

Известувачот му препорачува на Министерството:

„Научена лекција би било дека веројатно е потребен уште еден, професионален филтер, пред да се избираат кои учесници ќе се упатуваат во хируршки мисии со оглед на проблематиката што се работи во ваквите болници и подобар увид во нивните вештини“.

На крајот високиот национален претставник објаснува зашто сметал дека треба да го испрати вонредниот извештај.

„Тоа е затоа што сметам дека е важна информацијата која ја добивме и дека нема да работиме самостојно, туку ќе му се придружиме на норвешкиот хируршки тим, како дел од нив. Значаен момент е тоа што навистина од професионален аспект одреден член од екипата е без основните вештини. Како и тоа дека е важно да ја пренесам атмосферата во тимот, но се надевам дека ќе се подобри во наредните денови“, истакнува известувачот.

Според информацијата што ја добивме, за оваа ситуација се запознаени сите во нашето Министерство за одбрана, вклучувајќи ја и министерката, но не е преземено ништо.

Се обративме до Министерството за одбрана дали има добиено информации од норвешкото министерство за оценката на докторот? Дали се преземени соодветни мерки и какви се тие? Ако нема, дали ќе направат вонредни контакти? Дали има место за сомнежи во стручноста на нашиот хирург?

„До Министерството за одбрана не е испратена поплака од норвешка страна, ниту барање за враќање на ниту еден од специјалистите кои се на обука во Норвешка. Хируршкиот тим од Македонија кој се состои од тројца специјалисти и две медицински сестри од јавното здравство и една медицинска сестра од воено медицинскиот центар на 1 март заминува во Авганистан, заедно со норвешки и чешки хируршки тим. Медицинскиот тим ја завршува специфичната воено теренска обука во Норвешка, со која лекарите од јавното здравство за прв пат се соочуваат, и ќе бидат распоредени на позиции во норвешката болницата во Кабул, Авганистан. Шестчлениот медицински тим е првиот македонски хируршки тим кој ќе учествува во НАТО мисија по членството на Македонија во НАТО, а соработката со норвешките колеги кои се познати по развивањето на воената медицина е од особено значење. Македонија како членка на НАТО до 2028 година треба да развие НАТО способност во форма на хируршки тим кој ќе стои на располагање како НАТО ресурс и учеството во оваа мисија во Авганистан е првиот чекор за подготовка и развој на оваа способност“, истакнуваат во одговорот до Нетпрес од Министерството за одбрана.