Иако надлежните и особено министерот за здравство Венко Филипче смируваа велејќи дека „сѐ е под контрола“, а вистинската состојба со епидемијата на коронавирусот беше алармантна, болниците преполни, дневно се бележеа по десетици смртни случаи од Covid-19, сега убедуваат дека и вакцинацијата тече во најдобар ред иако според тврдењата на медицинскиот кадар состојбата на теренот е сосема различна.
За ваквата констатација сведочат и снимките и видеата кои кружат на социјалните мрежи, а покажуваат дека вработените и граѓаните кои одат на вакцинација се изложени на голем ризик.
Во вакциналните пунктови, иако температурите се околу 40 Целзиусови степени не е обезбедена ниту вода за пиење, ниту разладување, а поради тоа многу често се случува граѓаните а и вработените да колабираат.
Во вибер комуникацијата од групата во која комуницира и се координира медицинскиот персонал кој ја врши вакцинацијата во пунктот „Борис Трајковски“ може да се види дека тие со денови наназад ги молат надлежните да им обезбедат основни услови за работа, како што се вентилација и вода за пиење, а која според комуникацијата медицинските лица сами ја купувале и им давале на граѓаните кои доаѓаат на вакцинација.
Медицинските лица во вибер групата се жалат дека од условите во кои работат нивната здравствена состојба се влошува од ден на ден, па ги прашуваат одговорните кој ќе работи ако тие се разболат и одат на боледување. Но, како што изгледа проблемот никој не го решил, па и денеска во медиумите беше објавено видео на кое се гледа како жена се онесвестува во вакциналниот пункт поради високите температури.