Медицинските сестри не отстапуваат -Бараат исто покачување како и за лекарите

Медицинските сестри и здравствените работници не се согласуваат со „напорите“ на владата кои во петокот ги обзнани премиерот Зоран Заев, а предвидуваат зголемувањето на нивните плати да почне од јануари 2019 година, но само пет отсто, наместо 10 како што тие бараат.

Тие цврсто стојат на својот став дека е неприфатлив предлогот платите на лекарите да се покачат за 10 отсто од јануари следната година, а на останатите здравствени работници за пет отсто.

Тие бараа зголемувањето на платите да биде 10 отсто за сите и да стартува од септември, но засега толку можевме, посочи Заев во петокот, на прес-конференција за Буџетот за 2019.

Со години наназад се чини дека докторската фела е попривилигирана во однос на барањата на другите здравствени работници, кои поради чувството на обесправденост и нереално материјално вреднување на нивниот труд споредбено со лекарите, се’ повеќе го напуштаат јавното здравство и заминуваатво приватниот сектор.

Револтот кај сите здравствени работници е голем, бидејќи сметаат и дека со нееднаквото покачување на платите се прави и поделба меѓу вработените во здравството.

Оваа е загрижувачка реалност, која што може да предизвика колапс на Клиничкиот центар. За илустрација, која навистина создава погубна слика за тоа што конкретно се случува со медицинските сестри, но другиот здравствен кадар во Клиничкиот центар, говори и тоа што има случаи во кои од почетокот на годинава од само едно одделение заминуваат и по повеќе од десет мадицински сестри.

Здравствените работници, својот конечен став ќе го донесат в среда, за тоа како понатаму ќе делуваат, но јасни се во ставот дека бараат исто процентуално покачување на платите како и за докторите во Клиничкиот центар. Односно, или 10 отсто покачување за сите, или за никој.

Комората на здравствени работници на Република Македонија имаат побарано и средба со премиерот Заев, но засега немаат повратна информација дали и кога таа би се одржала.

Комората и Независниот синдикат на скопските клиники, за овие барања имаат поддршка и од лекарите, бидејќи работата е тимска и без ангажманот на другите здравствени работници не би можеле да функционираат.

А, дека Владата треба навистина да пристапи сериозно и без калкулации на овој проблем е фактот што се’ повеќе недостасуваат медицински сестри, бидејќи реално има голем одлив на кадар.

На статус на фејсбук страницата „Hospital nurses“, многу прецизно е објаснета причината за незадоволство поради нееднаквото процентуално зголемување на платите на лекарите во однос на другите здравствени работници.

„Баравме во два или три наврати 3 пати по 10 % од 2017 и 2018. Не дека аздисуваме, не дека не заслужуваме многу повеќе, не дека со години не бевме во ниту една категорија при покачувањата, не дека реално треба многу повеќе, но бидејќи ние еве навистина разбираме дека нема пари, па се согласивме и на трошки.
Додека се одвојуваат пари за дежурства со висок коефициент, израчунати на неколку пати покачена основица, се земаат плата на еден здр.работник – во две дежурства.
Додека ние треба да сме разбрани дека нема пари, во меѓувреме да израчунаме зошто ние не сме задоволни, и зошто тимот не може да биде: една наша плата за некој две дежурства.
Тоа не е тим, тоа е упорно уништување на тимот.И, немало пари???
Ок, нема пари нема музика. Но во основа, повелете кажете колку ни е покачена платата на сите со кои работиме, за последниве 5 години, на секој еден член од тимот?
И зошто ние да бидеме со 5% задоволни, кога треба за сите 10%, бидејќи ионака за некого 10% се приближно минимум плус 100€, а за друг максимум се 20€. И тоа ако бидат сите со 10%.
А тек ако се за 5 %?
Колкава е разликата?
А Годишно?
Се додека го цените трудот наш само 5%, нема ништо од успех.
За каков тим зборувате?
Значи 15% на годишно ниво, од кое што досега добивме само: 0, 29% на 0,50 % додаток за ноќен труд, и 5% досега.
Нема ниту еднаков процент за различна сума. На секој ребаланс ветување за 15, добивање 5??
Понижување до понижување.
Ветени 10 во септември, дадени 5, ветени 10 во декември, па ги нема, па ок може и за вас, ама само 5.
Тезга се само “останатите?” здравствените работници, ама срамот е на сите вас.
И да, пазете не мрчете по ходници ако лајкувате 5%.
Израчунајте си ја вашата математика, ама со време. Добиваш пари, но губиш се..Губиш најдобар соработник, губиш златен колега, губиш сигурност покрај себе, губиш човек, губиш тим.
Ионака пола веќе персонал разгледува договори за приватен сектор.
Јавно здравство, тажно, но тоа е:
Угинува пред наши очи. Едни грабаат, други молчат, трети молат за ист процент за сите.
Тоа е досега, на крајот на 2018“.