Медиуми: Јункер ја игнорира правната служба и не сака да застане на страната на Словенија во спорот со Хрватска

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, не сака да се вклучи во решавањето на судирот околу поморската граница меѓу двете земји членки Словенија и Хрватска, иако прваната служба има јасно мислење дека во овој случај Словенија е во право и дека во таа насока би требало да делува и Комисијата, пишува германскиот неделник Der Spiegel.

„Службениците во Европската комисија немаат дилеми околу тоа дека Словенија во овој спор е главно во право“, пишува лево-либералниот Der Spiegel во својот текст под наслов „Јункер – Хрватска врска“, повикувајќи се на извори во Комисијата.

Натаму се наведува дека правната служба на ЕК на претседателот Жан-Клод Јунекр му предложила „втемелена изјава“ во којашто Комисијата би се определила во овој случај, но Јункер тоа го отфрлил. Во документот датиран од 18-ти мај годинава, кој бил на увид на Der Spiegel, правната служба на Европската комисија јасно се ставила на страната на Словенија.

„Правната служба е на мнение дека голем дел од ставките во жалбата која Словенија ги вложила како доказ за повреда на правата и прописите на ЕУ од страна на Хрватска се засновани“, се наведува во документот кој го потпишала Карен Банкс од правната служба на ЕК. Во него натаму се заклучува дека поради тоа „одлуката на Арбитражниот суд мора да биде прифатена од страна на Европската унија“.

Der Spiegel наведува и дека ова правно мислење не го добиле на увид дури ниту надлежните комесари и шпекулира за причините поради кои Јункер одбива да се меша во овој спор, иако до пред само една година жестоко се залагаше за негово што побрзо решавање.

Германскиот неделник оценува дека Јункер се воздржува од објавување на мислењето на Европската комисија, бидејќи за тоа лично во февруари годинава го замолил хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ „кој како и Јункер е член на истата народна фракција“ поради што, како што натаму пушува Der Spiegel, „во Словенија нараснуваат теориите на заговор“.

Пленковиќ тоа го побарал од Јунекр, бидејќи во спротивно, доколку ЕК би се заложила на страната на Словенија, „шетата по имиџот на Хрватска би била огромна“. Пленковиќ, исто така, стравува и од реакција на сопствеаната партија доколку ЕУ во „емотивниот судир“ застане на страната на Словенија. Јункер, како што наведува весникот, не сака мешање на Европската комисија, бидејќи „со тоа никому не би му се помогнало“.

Во тексот на Der Spiegel се истакнува дека ова е уште еден пример дека Јункер Европската комисија ја води според политички а не легалистички принципи.

„Јункер во еден случај не ги применува правилата од пактот за стабилност, затоа што во Италија претстојат избори, а во друг случај се оглушува на советите на своите партнери, како што покажува случајот на спорот на Јадранот“, пишува Der Spiegel кој смета дека челникот на ЕК со тоа им оди во прилог на суверенистите против кои европскиот естаблишмент сака да се бори чувствувајќи се силно загрозен.