Медиуми: Украинските бегалци шокирани од британското гостопримство

Повеќе семејства на бегалци од војната во Украина кои спасувајќи се од војната и руската инвазија се сместија во Велика Британија, последниот период се среќаваат со проблеми и откажување на гостопримството кај британските домаќини, известуваа изминатите денови британските медиуми.

Неодамна весникот The Independent пишуваше дека илјадници украински бегалци коишто во моментов се наоѓаат на територијата на Обединетото Кралство и се сместени по ткн згрижувачки семејства, четири месеци подоцна се соочуваат со многу тешки услови за живот, па се споменува дека цели семејства се принудени да живеат во една соба која им ја отстапиле домаќините.

 

Борба за хуман третман

Во контекстот на темата која последниот период е сѐ поприсутна во западните медиуми, британски весник The Daily Echo објави сторија за семејство украински бегалци кои се принудени да се „борат за нивно хумано третирање“ по пристигнувањето во Велика Британија.

Инцидентот за кој пишува весникот се одиграл во Саутемптон, во англиската грофовија Хемпшир, каде се сместила што 45-годишната Наталија Голикова од Одеса, заедно со двете ќерки на 14 и 16 години и нејзиниот 16-годишен внук, кои украинскиот црноморски пристанишен град го напуштиле во април и еден месец живееле во француска Ница. Кон средината на јули семејството пристигнало во Велика Британија, планирајќи да отпатуваат во Шкотска, но пријателите ги советувале да заминат во Саутемптон и покрај тоа што немале осигурено семејство кое ќе ги прими.

Градскиот совет, кој го координира згрижувањето на бегалците од Украина, ѝ понудил на Голикова, која немала каде да престојува, сместување во соба во хостел, но украинското семејство се пожалило на многу лошата хигиенска состојба таму. Според нив, ѕидовите во понуденото сместување биле со мувла, а поради астмата кај една од ќерките, тие не можеле да останат таму. Покрај тоа, во текот на нивниот престој во хостелот, од бегалците дури била крадена храната, а тие се жалеле и на „антисоцијално однесување“.

„Во Украина бевме сосема нормално семејство, но кога стасавме во хостелот бевме шокирани“, се пожалила Голикова во интервјуто The Daily Echo.

Поради тоа семејството било принудено да се премести во хотел, и исто така било помогнато од Групата за поддршка на украинската заедница во Саутемптон.

„Срцепарателно е да се гледа како пристигнуваат во Велика Британија и сѐ уште се принудени да се борат за хуман третман“, вели за весникот портпаролката на здружението Мелани Таџароглу.

Семејството останало во хотелот до 1-ви јули, во очекување на одлуката на Градскиот совет на Саутемптон да им обезбеди сместување.

„Ќе се обидеме да дадеме сѐ од себе за да се интегрираме во оваа нова заедница“, рекла Голикова.

 

Британски офицер оставил на улица многудетно украинско семејство

На истата тема проблемите на украинските бегалци во Велика Британија претходно се осврна и весникот The Daily Mail, кој донесе пролог за тоа како поранешен британски офицер, исто така во грофовијата Хампшир во градот Ферхем, го истерал на улица семејството со пет деца кои претходно ги згрижил во својот дом.

Ова семејство од украинската престолнина Киев, броело девет члена, од кои пет се деца и две повозрасни жени, а завршило во Велика Британија по двомесечен престој во Полска бегајќи пред војната.

Како што рекол за весникот Максим Хирик, Дадли и Кели Малстер од Фархам се согласиле да ги засолнат според британската државна програма во мала куќа којашто ја наследиле од починат роднина. Според Хирик, на почетокот домаќините ги третирале топло и искажувале гостопримство, па дури ги пречекале по пристигнувањето на локалниот аеродром.

Меѓутоа, пред неколку седмици и без никакво предупредување, семејството Малстер го искинало договорот за отстапување на домот, и многудетното бегалско семејство од Украина добило рок до 15-ти јули да ја напушти куќата. Во разговорот за The Daily Mail, Хирик рекол дека неговото семејство е „помалку луто“ и „многу вознемирено“ поради одлуката на британските домаќини.

„Тие едноставно престанаа да разговараат со нас, а ние добивме писмо во кое се вели дека нѐ иселуваат (…) Исто така, го исклучија и интернетот, па ни беше отежнато да испраќаме електронска пошта и да комуницираме“, вели соговорникот на весникот.

„Сопственикот е бездушен“, забележува Хирик и додава дека семејството има намера да остане во Ферхам, бидејќи „тука можеме да го започнеме живото одново“, и оти „нема начини за враќање во Украина“.

Како што откриле новинарите на The Daily Mail, 40-годишниот сопственик на куќата во којашто е сместено украинското семејство, Дадли Малстер е висок офицер во британската Кралска морнарица со 20-годишна служба, меѓу другото во Авганистан и Бахреин, а исто така бил ангажиран и во обезбедувањето на членови на кралското семејство во странство.

Од друга страна, во Советот на грофовијата Хемпшир им соопштиле на Украинците дека бараат нов дом за нив, истовремено известувајќи ги бегалците дека може да бидат згрижени во хотел оддалечен повеќе километри од нивното сегашно престојувалиште.

Самиот Хирик рекол дека веќе контактирал со пет локални агенти за недвижнини, но тие кога ќе слушнале за бројноста на неговото семејство „само ќе кажеа ‘не’ и ќе ја спуштеа слушалката“.

„Приватните издавачи на станови бараат кирија однапред за шест месеци, пред да почнат воопшто да размислуваат за нас. Се надевам дека ќе ја достигнеме нашата цел и тоа ќе ни даде шанса барем да се обидеме да си го заземеме своето место“, во заедницата“, рекол несреќниот Украинец.

Во прилогот на The Daily Mail, се наведува дека благодарејќи на донации и сопствени средства семејството на Хирик успеало да собере дел од средствата потребни за изнајмување на стан. Истовремено Малстер, кои имаат две деца, одбиле да ја коментираат својата одлука да им го ускратат гостопримството на бегалците од Украина.

 

Во Холандија „заврши медениот месец“

Кон крајот на јуни порталот NU.nl, исто така, објави прилог кој се занимаваше со проблемите на укринските бегалци, истакнувајќи дека локалните власти ширум Холандија се подготвуваат за прилив на украински бегалци во прифатилиштата, бидејќи жителите коишто ги згрижиле не сакаат да ги остават сами во нивните домови во текот на сезоната на летните одмори.

„Мачката оди во пансион (своевиден хотел за домашни миленичиња), а Украинците во прифатилиште. Да, тоа е суровата реалност“, рекол за порталот еден од учесниците на прифаќање на бегалците од Украина.

Според процените на NU.nl., околу 1.200 украински бегалци моментално живеат кај приватни лица во регионите на покраините Централен и Западен Брабант. Истовремено, веќе се јавиле семејства коишто се обраќаат до локалните власти со прашања дали тие можат да ги згрижат бегалците во текот на летото. Засега не е познато за колкава бројка станува збор, но властите очекуваат нивно пристигнување наредните седмици.

„Понекогаш Украинците едноставно се оставаат во прифатилиштата“, изјавиле од одделот за безбедност на регионот Брабант-Зуидост и проценуваат дека има околу 800 Украинци кои престојуваат кај семејства домаќини, кои можеби ќе мора да се вратат во официјалните бегалски прифатилишта следниот период.

Како што навеле од локалните власти, Холанѓаните ги „отворија своите срца и своите домови, без да го сфатат какво влијание има тоа“. „Медениот месец заврши, доволно е. Сега има наплив од луѓе кои велат: Одам на одмор и не сакам Украинците да бидат сами во мојата куќа“, додале од локалните власти.