Медиумите се сомневаат за појава на коронавирусот во Велика Британија

Британски медиуми денеска објавија дека коронавирусот најверојатно пристигнал во Велика Британија, откако двајца кинески државјани биле хоспитализирани во Шкотска со симптоми слични на грип.

Се претпоставува дека патниците пристигнале од кинескиот град Вухан, од каде се шири епидемијата на новиот вирус од кој досега починаа 17 луѓе, а потврдени се над 600 случаи на заразени.

Тестовите, кои им се направени во болницата, досега не го исклучуваат коронавирусот, пишува „Дејли мејл“, додавајќи дека пациентите се наоѓаат во изолација во Универзитетската болница Кралица Елизабета во Глазгов.

„Дејли рекорд“ наведува дека кинеските патници пристигнале во Лондон минатата недела пред да заминат во Шкотска.

Претходно денеска случаи на заразени лица од новиот коронавирус потврдени се и во Виетнам, Сингапур и Саудиска Арабија.