Медведев на ненајавена средба со Кси во Пекинг, Путин го отвара гасното поле за Кина

Поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев, сега заменик на претседател Владимир Путин на чело на националниот Совет за национална безбедност, во средата пристигна во ненадејна посета на Кина каде што разговарал за јакнење на билатералната соработка со кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Медведев за средбата со Кси и другите високи кинески функционери извести со објава на видео-снимка на апликацијата Telegram и притоа известува дека на кинескиот претседател му ја пренел пораката од рускиот челник Владимир Путин, како и дека на средбата било разговарано на повеќе теми, вклучително и за кризата предизвикана од војната во Украина.

Исто така, Медведев известува дека станува збор за дводневна посета кој започнала во вторникот и оти притоа била истакнато „невиденото ниво на руско-кинески политички дијалог и практична соработка“.

„Двете страни зборуваа за своите ставвови за голем број значајни прашања од меѓународна природа, наведувајќи го широкото совпаѓање на пристапите на Москва и Пекинг кон најитните светски проблеми, беше допрена темата за стратешката координација на надворешната политика, вклучително и во рамките на ОН и други мултилатерални платформи, вклучувајќи ги ШОС, БРИКС и Г20. Се разговараше за ситуацијата во постсоветскиот простор, вклучително и украинската криза“, објави подоцна кабинетот на Медведев.

Соговорниците, исто така, биле „согласни во оцената на сегашниот развој и перспективата на билатералните односи“ меѓу Москва и Пекинг, се додава во објавата.

Од своја страна, британската агенција Reuters се повикува на кинеската службена новинска агенција Xinhua, пишува дека Кси на Медведев му рекол дека Кина се надева дека „сите страни во украинската криза ќе покажат воздржаност и ќе ја разрешат загриженоста за безбедноста со политички средства. Кси, според истиот извор, изразила надеж дека Комунистичката партија на Кина и партијата Единствена Русија ќе ја „унапредат соработката и ќе ја продлабочат стратешката соработка“ меѓу Пекинг и Москва.

Истовремено во Москва во средата беше објавено дека претседателот Путин подоцна во средата ќе учествува во видеоконференцијата по повод пуштањето во функција наоѓалиште за гас и гасен кондензат Ковикта во сибирскиот регион Иркутск, кое е најголемото според резервите на енергенсот на рускиот Далечен исток.

Ова наоѓалиште стана центар за развој на проектот „Моќта на Сибир“ кој, заедно со погоните за преработка на гасот во Амур и заедно со наоѓалиштето Чајандиское во Јакутија, е насочен за потребите на Кина.

Ставањето во функција на ова гасно поле претставува голем чекор за Русија во нејзините напори за кусо време да ги значително да ги зголеми испораките на гас во Кина, откако Европската унија се реши значително да ја намали својата зависност од руските енергенси, попуштајќи под долгогодишните притисоци од САД од кои сега го набавува гасот по повеќекратно повисоки цени, а сега поради руската инвазија во Украина.

„Станува збор за единствено наоѓалиште“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русија првите значителни испораки на гас за Кина ги започна кон крајот на 2019 година преку сибирскиот гасовод „Моќта на Сибир“ кој во минатата 2021 година испорачал повеќе од 10 милијарди кубни метри гас, а полниот капацитет од 38 милијарди кубни метри би го постигнал во 2025 година.

Русија во моментов е третиот најголем испорачувач на гас во Кина. Но во февруари годинава Путин и Кси договорија испорака на дополнителни 10 милијарди кубни метри гас во Кина преку својот нов помал гасовод од рускиот Далечен исток до кинескиот североисток. Русија работи и на изградбата на уште еден гасовод „Моќта на Сибир 2“ преку Монголија со што би испорачувала дополнителни уште 50 милијарди кубни метри од енергенсот годишно во Кина.

Минатата седмица Путин изјави дека споменатите проекти би ѝ овозможиле на Русија да ја зајакне продажбата на гасот во Кина за 48 милијарди кубни метри на Кина до 2025 година, односно на повеќе од 88 милијарди кубни метри гас до 2030 година.