Медведев повика на стабилност и ред во Украина

Русија сака стабилност и ред во соседна Украина, каде се развија протести по одлуката на Владата да се откаже од договорот за асоцијација со Европската унија, рекол рускиот премиер Дмитриј Медведев, пренесува „Ројтерс“.

„Имате многу активна политичка сезона“, коментирал Медведев, кој ја пречекал делегација предводена од украинскиот вицепремир Јуриј Бојко.

Минатиот викенд во Украина избувнаа масовни демонстрации против одлуката на претседателот Виктор Јанукович и неговата Влада да ги прекине подготовките за потпишување договор за асоцијација со ЕУ и да побара поблиска унија со Москва.

„Се разбира, тоа е внатрешно прашање, но многу е важно да има стабилност и ред во земјата“, истакнал рускиот премиер.

Неговиот украински колега Микола Азаров, изјави за Владата, дека целта на посетата на Бојко е да се продолжи дијалогот со Русија за трговските и економските односи, што се исклучително важни за одржувањето и развојот на украинската индустрија и економија.

Се очекува украинскиот претседател Виктор Јанукович наскоро да се состане со рускиот претседател Владимир Путин. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков прецизира дека Путин нема да се среќава со Бојко. Се’ уште не е одреден датум за средба меѓу двајцата претседатели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.