Медведев: Приклучувањето на украинските територии ќе биде неповратно

Поранешниот руски претседател и премиер, сега заменик на челникот на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, порача во вторникот дека референдумите за приклучување на Русија на териториите со мнозинско руско и рускојазично население во југоисточна Украина трајно ќе ја промени геополитичката карта на регионот и на Москва ќе ѝ овозможи поинакво дејствување.

Медведев, зборувајќи за референдумите за приклучување на Русија на отцепените по превратот во Киев во 2014 година проруски региони во Доњецк и Луганск, како и во Херсонската област која од почетокот на март е под контрола на руската војска, посочи дека воен упад на воена територија е злосторство што дозволува користење на сите средства за нејзината одбрана.

„Посегањето по територијата на Русија е престап, што овозможува користење на сите сили за самоодбрана“, пишува Медведев на својот Telegram канал.

Според него, референдумите се важни „не само поради системска заштита на жителите на ЛНР и ДНР (двете самопрогласени наредни републики во Луганск и Доњецк) и на другите ослободени територии, туку и за враќање на историската правда“.

Медведев е убеден дека тоа ќе го промени правецот на развојот на земјата и ќе направи неповратна геополитичка трансформација во светот.

„Покрај тоа, можното прифаќање на регионите во Донбас во составот на Русија и официјализирањето преку промени во Уставот ќе доведе до фактот што ниту еден иден челник на Русија, ниту некој функционер нема да може да ги промени овие одлуки“, додава Медведев.

Оценува дека поради сето тоа, Киев и Западот многу стравуваат од овие референдуми и оти токму поради тоа, смета Медведев, тие треба да бидат спроведени.

Проруските сепаратисти во Доњецк и Луганск, како и во Херсонската област, во понеделникот објавија брзо спроведување на референдуми за приклучување на Руската Федерација. На Западот тоа се толкува како резултат од наводните напредувања на украинската војска, но некои воени аналитичари предупредуваат дека станува збор за стратегија на Москва којашто сака да ја подигне војната во Украина на друго ниво, од ткн „специјална воена операција“ со ограничено дејствување и употреба на војската до ангажирање на повеќе трупи.