Медведев: Русија ќе ги постигне своите цели во Украина

Поранешниот руски претседател и премиер, актуелен заменик претседател на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, вели дека Русија ќе ги постигне своите цели во судирот во Украина под сопствени услови и предупреди дека Западот има долгорочни цели да ја уништи Русија.

„Русија ја спроведува специјалната воена операција во Украина и постигнува мир под свои услови“, вели Медведев во интервјуто за агенцијата ТАСС на годишнината од кусата војна со Грузија во 2008 година.

Медведев оценува дека обидот на Грузија пред 14 години да воспостави воена контрола над отцепените по распадот на СССР во 1990-те години стратешки покраини Јужна Осетија и Абхазија при што загинаа руски мировници, и конфликтот во Украина кој започна пролетта 2014 година со отцепувањето на проруските региони по превратот во Киев а кој кулминираше кон крајот на февруари годинава со инвазијата на руските трупи, „се дел од истиот геополитички процес започнат од Западот“.

„Без никакво сомневања, тоа е ист процес и заедничка замисла насочена против Русија. Се состои во стремежите на Западот, во прв ред САД и другите англосаксонски земји, да ја нарушат ситуацијата во нашата земја… Преку соседите, во непосредна близина на руските граници. Американците цинично беа ангажирани со обука на грузиската војска, инвестирајќи многу пари во тој процес. Таму беа испратени бројни инструктори за мобилизирање на грузиската војска… Ги натоварија со оружје. Едноставно го туркаа …. (тогашниот грузиски претседател, Михаил) Саакашвили да започне напад врз цивилното население во Јужна Осетија и руските мировници. Наместо да го убедат да бара мирно решение за најкомплицираниот меѓуетнички конфликт созреан таму. Беше заведен…“, вели Медведев.

Додава дека под влијание на САД, Саакашвили го променил ставот и ги прекинал сите разговори летото 2008 година, и ги игнорирал повиците на Москва ситуацијата да се решава преку преговори, а НАТО застанал зад Тбилиси.

„Истата провокативна.. криминална политика САД агресивно ја водат и во Украина. Вистина, со многу поактивна поддршка од Европската унија, којашто на крајот ја загуби својата независност“, вели влијателниот руски политичар.

„И сега продолжуваат да вежбаат со Украина, за чијашто судбина апсолутно не им е грижа. Целта е иста – да се уништи Русија. Тоа е основната причина за крајно агресивниот, русофобен геополитички процес инициран од Западот“, уверен е Медведев.

Порачува дека рускиот одговор е „жесток, но внимателно обмислен“, како и дека Москва ќе дојде до мир во Украина под нејзини услови а не под оние кои „се обидуваат да ни ги наметнат поранешните ‘партнери’ во меѓународната заедница, жедни за воен за воен пораз на Русија“.

„Ние имаме сопствени национални интереси и ќе ги оствариме со сите расположливи средства“, порачува Медведев.

Појаснува дека во 2008 година Русија одговори на грузискиот напад врз Јужна Осетија, која во тоа време ја признаваше како дел од Грузија, и потсетува дека кога во Украина во 2014-та започнаа операциите против проруските региони во Донбас, Москва чествуваше во барањето политичко решение преку договорите од Минск, а дури годинава се вклучила во граѓанскиот конфликт во соседната земја.

„Од аспект на денешното искуство, може ли да се каже што е подобро: долги преговори или брза реакција? Доколку постои можност проблемот да биде решен по мирен пат, на преговарачка маса, тоа треба да се стори. Но коа нема излез, мора да се реагира со сила. За жал, и во Грузија и во Украина тамошните власти не ѝ оставија избор на Русија, кршејќи ги процесите на политичко решавање на тие конфликти“, вели Медведев.

Истакнува дека ниту во 2008-ма ниту сега не се сомневал во својата одлука за потиснување на „вооружената агресија“ од страна на Грузија и распоредување на руските војски во Јужна Осетија. Медведев потсетува дека грузиските трупи го прекршиле меѓународното право и мандатот на Русија даден од ОН како партнер во мировното решение.

Медведев вели и дека исправноста на руската акција тогаш добила потврда и со соборувањето на Саакашвили од страна на самите Грузијци, но потсетува и дека тој од прозападните украински власти дојдени по превратот во 2014 година беше назначен за гувернер на областа Одеса, доминантно руска и рускојазична.

Медведев порачува дека судбината на Саакашвили кого го нарекува „оперетски диктатор“ кој се одржува на власт со екстремен национализам треба да претставува поука и за луѓето од власта на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

„… Тие се толку ревносно поддржувани од западниот свет за себични цели, многу далеку од демократијата и хуманизмот… На нивната совест се конечното погребување на договорите од Минск и смртта на огромен број цивили во Донбас. За тоа ќе одговараат, порано или подоцна“, оценува Медведев.