Медведев: САД ѝ објавија на Русија тотална трговска војна, следи отстранување на Трамп

Носејќи го законот за санкции, САД на Русија ѝ објавија вистинска трговска војна, ставајќи крај на надежите за подобрување на билатералните односи, изјави во средата вечерта рускиот премиер Дмитриј Медведев и за санкциите верува дека ќе траат со децении, а руското министерство за надворешни работи најави многу веројатни против мерки.

На својот профил на Facebook, рускиот премиер Дмитриј Медведев, напиша дека носењето на законот за проширување на санкциите против Русија, покажува дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е потполно немоќна.

„Потпишувањето на американскиот претседател на новиот закон за санкции против Русија предизвикува повеќе ефекти. Прво, крај на надежите за подобрување на нашите односи со новата американска администрација. Второ, на Русија ѝ е објавена целосна трговска војна. Трето, администрацијата на Трамп покажа целосна немоќ, пренесувајќи ја извршната власт на Конгресот. Тоа ја менува рамнотежата на моќта во политичките кругови во САД“, пишува Медведев.

Рускиот премиер изразува уверување дека новите санкции против Москва ќе дејствуваат со децении и ќе вклучуваат поостри ограничувачки мерки од оние содржани во познатиот амандман на Џексон – Веник, усвоен во 1974 година, во времето на Студената војна, кој беше укинат 38 години подоцна.

Режимот на санкции „има сеопфатен карактер и не може да биде ставен надвор од специјални налози на претседателот без согласност од Конгресот. Со тоа односите меѓу Русија и САД ќе бидат исклучително напрегнати, без оглед на составот на Конгресот или личноста на (американскиот) претседател“, оценува натаму Медведев.

Рускиот челник, исто така, истакнува дека „антируската хистерија“ станала клучниот дел не само во надворешната, туку и во внатрешната политика на САД, и притоа фактички се игнорираат интересите на американскиот бизнис.

„Американскиот естаблишмент го порази Трамп. Претседателот не е радосен од новите санкции, но не може да не го потпише законот. Новото воведување санкции се јави како начин за дисциплинирање на Трамп. Претстојат нови постапки, чијашто крајна цел е неговото отстранување од власта. Оној што не игра според системот треба да биде ликвидиран“, додава Медведев.

Истовремено руското министерство за надворешни работи најави дека Москва веројатно ќе одговори со соодветни против мерки на новите санкции од САД.

„Новите санкции на САД се кусогледи и ризикуваат да ја загрозат глобалната стабилност. Крајно време е да се сфати дека заканите и обидите да се врши притисок врз Русија нема да ја натераат да го промени својот курс или да ги жртвува своите национални интереси“, се наведува на интернет страницата на руската дипломатија.

Претходно портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, коментирајќи го потпишувањето на законот за санкции од страна на Трамп, изјави дека тој чин не менува ништо бидејќи тој и онака ќе бил спроведен откако го изгласа Конгресот. Зборувајќи за можните возвратни мерки од страна на Москва, портпаролот на Кремљ за руските медиуми кусо одговорил дека „тие се веќе преземени“.

Во средата американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша законот за новите санкции против Русија, Иран и Северна Кореја. Притоа Белата куќа објави соопштение во коешто американскиот челник наведува дека законот е несреќен е во спротивност со Уставот на САД. Трамп, исто така, истакна дека Вашингтон ќе преземе чекори да ги спречи негативните последици за американскиот бизнис, партнерите и сојузниците на САД.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во средата изјави дека САД ги земале предвид некои елементи кои предизвикаа загриженост во Европската унија поради новите санкции на Вашингтон против Русија, но и дека Брисел е подготвен брзо да одговори доколку тие мерки одат на штета на економските интереси на Унијата.