Медведев за „неизбежноста“ на руската воена интервенција во Украина и опасноста од нуклеарна војна

Русија во одреден момент беше присилена на воената интервенција во соседна Украина, која Москва ја нарекува специјална воена операција, иако мирното сценарио беше можно но деструктивната позиција на НАТО не им дозволи на двете земји да се постигнат договор, изјави поранешниот руски претседател и премиер а сега челник на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев во интервјуто за катарската сателитска телевизија Al Jazeera емитувано во четвртокот вечерта.

Медведев потсети на настаните од 2014 година, односно превратот во Киев поддржан од Западот, поништувањата на правата на руското и рускојазичното население и војната поради тоа со источните украински региони во Доњец и Луганск, како и примирјата и мировните договори потпишани во белоруската престолнина Минкс во 2015 година со посредство на Украина, Русија, Германија и Франција кои останаа на хартија за што Москва ја обвинува украинската страна.

„Огромна улога за тоа што тоа не се случи одиграа оние коишто ѝ го наметнаа своето гледиште на Украина. Директно ќе ви кажам кои се тие. Тоа се САД, европските земји и целиот НАТО. Доколку не беше неговата деструктивна позиција, можно беше да се постигне договор“, рече Медведев.

Дополнително, според Медведев, Русија не можела а да не биде загрижена од проширувањето на НАТО на самите нејзини граници и потсети дека кон крајот на минатата 2021 година Москва испрати предлог за безбедносен договор во Вашингтон и Брисел, кој вклучуваше и воена неутралност на Украина, на што не доби повратен одговор.

„Заедно разбираме дека тоа е директна и очигледна закана за нас. Присуство на странски воени бази, бази на НАТО на границите на Русија каде што би биле разместени ударни ракетни системи, е целосно пресврт во безбедносните прашања. Тоа создаде апсолутно неприфатлива закана. И за тоа зборувавме многупати, Можеби последната капка којашто влијаеше на конечните одлуки беше декларираната од страна на Украина амбиција да добие нуклеарно оружје“, рече Медведев.

Имено на последниот безбедносен форум во Минхен, кон крајот на минатата година украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Киев сака да го поврати статусот на нуклеарна земја, а руското разузнавање од заробениот материјал во сегашната војна заклучува дека таквата програма започнала уште во 2014 година по превратот поддржан од Западот и дека за тоа украинската страна добивала материјали од странство.

Во такви услови, истакна Медведев, Русија морала да го осигури неопходното ниво на безбедност и затоа рускиот претседател Владимир Путин донел одлука за поведување на „специјалната воена операција“. Претходно Медведев објасни дека овој назив Москва го користи затоа што станува збор за „ограничени воени дејствија само против воената инфраструктура и националистите“ за заштита на населението во доминантно руските и рускојазични источни региони Доњецк и Луганск. Покрај тоа додаде дека западните земји, во прв ред САД, се ангажирани на поддршка на милитантните во Украина и ширење русофобно опкружување, како и дека САД всушност ѝ објавиле прокси-војна на Русија за сопствените интереси која имаат намера да ја водат „до последниот Украинец“.

 

За перспективите на Донбас

Во продолжението на интервјуто, заменикот-претседател на рускиот Совет за безбедност, рече дека во Москва внимателно ќе биде анализирана волјата на жителите на побунетиот проруски источен регион Донбас, за прашањето на евентуален влез во составот на Руската Федерација, по примерот на црноморскиот полуостров Крим каде мнозинското руско население по превратот во Киев во 2014-та со два референдума си ја врати укинатата автономија во 1990-те години и одлучи да се врати во составот на Русија од која во 1950-те години е административно пренесен во тогашната Советска република Украина. Медведев притоа истакнува дека одлуката за тоа ќе биде донесена во согласност со рускиот устав.

„Невозможно е да се игнорира таа волја (на жителите во Донбас), но за да се разгледуваат таквите прашања таа волја мора да биде формулирана“, рече Медведев.

Потсети дека на Крим волјата на граѓаните била манифестирана во текот на референдумите со огромно мнозинство во позитивни одговори и затоа Русија одлучи да ја вклучи таа територија во својот состав, што според него е целосно во согласност со Повелбата на Обединетите нации.

 

Дали е можна нуклеарна војна

Медведев беше категоричен дека никој не посакува нуклеарна војна и порача дека мора да се вложат сите напори за никогаш да не се случи нуклеарен колапс на Земјата, но смета и дека е грешка да не се зборува за нејзината невозможност.

„Знаете, кога велат дека тоа е невозможно, дека тоа никогаш нема да биде возможно, секогаш грешат. Покрај тоа, нуклеарното оружје веќе е користено во историјата на човештвото“, напомна Медведев.

Најважното, според него, е „одлуките што ги носат земјите да бидат носени со студена глава, имајќи ја предвид сета реалност“.

Потсети дека во согласност со својата доктрина, Русија одговара со нуклеарен удар доколку е подложена на таков напад или, пак, доколку е нападната нејзината критична инфраструктура или доколку земјата е нападната со конвенционално вооружување но има карактер на таков критичен удар кој го загрозува постоењето на самата држава.

„Никој не треба да заборава на тоа. Природно е дека никој не сака нуклеарна војна. Тоа е слепа улица, тоа е крајот на човештвото и сите ние сме должни да сториме сѐ за никогаш да не се случи нуклеарен колапс на планетата Земја“, рече Медведев.

 

За проширувањето на НАТО

Влегувањето на Шведска и на Финска во НАТО претставува помала закана за Русија отколку членството во Алијанската на Украина, со којашто Москва има територијален според, појаснува Медведев.

Според него, на Русија не ѝ се допаѓа никакво проширување на НАТО, бидејќи по исчезнувањето на порано идеолошкиот противник на западниот сојуз Варшавскиот договор, се урнала рамнотежата во светскиот поредок.

„Двата блока не се компензираат еден со друг, туку, напротив, НАТО се обидува да ја диктира својата волја на целата планета“, рече Медведев.

„Но, доколку зборуваме за влезот на Шведска и на Финска во НАТО, тогаш, во секој случај, во конфигурацијата којашто е објавена, тоа преставува помала закана за нашата земја отколку влезот на Украина. И тука причината е сосема разбирлива“, додаде Медведев.

Истакна дека во односите со двете нордиски земји нема територијални претензии од двете страни, но оти ситуацијата во тој контекст е сосема поинаква во однос на Украина.

„И доколку Украина влезе во блокот кој е агресивно поставен против нас, кој исто така има нуклеарен потенција, се разбира дека тогаш може да ги испровоцира најозлогласените, како што ние велиме – премрзнати претставници на украинските естаблишмент, елитата и едноставно националистите на тоа да извршат некаков вид излет во однос на Крим. А тоа ќе повлече директен судир меѓу НАТО и Руската Федерација“, заклучи Медведев.