Меј бара од ЕУ „дополнителен“ напор, предупреди дека брегзитот може никогаш да не се случи

Британската премиерка Тереза Меј ја замоли во петокот Европската унија да вложи „дополнителен напор“ за излегувањето од ќорсокакот во разговорите за излегувањето на Обединетото Кралство од блокот и да овозможи усвојување договор за раздружувањето во вторник во текот на клучното гласање во британскиот парламент, чиишто пратеници ги предупреди дека брегзитот „може никогаш да не се случи“.

Без оглед на новите работни состаноци оваа седмица во Брисел, Велика Британија не доби отстапки од Европската унија за кои смета дека би можеле да одат во полза на споменатиот текст од договорот чијашто цел е да осигури уредно излегување, а кој во вторникот повторно ќе биде претставен во Долниот дом на британскиот парламент, откако првпат беше одбиен во јануари. Преговорите ќе бидат предолжени во текот на викендот, а Меј замина во петокот од европските челници да бара решение на прашањето.

„Мојата порака до ЕУ е дека е време за реакција. Последните две години заедно напорно работевме за да постигнеме договор… Потребен ни е дополнителен поттик за да одговориме на последните дилеми на нашиот парламент“, изјави конзервативната премиерка Тереза Меј во говорот во компанија за производство на ветерници во Гримзби, пристаниште на североистокот од Англија каде што избирачите со 70 отсто гласаа за брегзитот.

Меј истовремено ги предупреди британските пратеници да не го отфрлат новиот договор кој го склучи со Брисел кон крајот на ноември. Ги предупреди дека доколку договорот не бил усвоен, Британија можеби никогаш нема да излезе од ЕУ.

„Поддржете го договорот и Велика Британија ќе ја напушти ЕУ. Отфрлете го и никој не знае што ќе се случи. Можно е ние да не ја напуштиме ЕУ со месеци, може да заминеме без заштити. Ние може и воопшто да не ја напуштиме ЕУ“, нагласи Меј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.