Меј го објави „планот Б“ за Брегзит кој многу наликува на „планот А“

Британската премиерка Тереза Меј го објави својот „план Б“ за Брегзит, кој многу наликува на „планот А“, во обид во Парламентот да издејствува усвојување на отфрлениот договор за излез на Велика Британија од ЕУ откако ќе обезбеди промена на ставот на Унијата за границата со Ирска.

Зборувајќи за тоа што планира да направи откако британскиот Парламент минатата недела го отфрли договорот за излез на Британија од ЕУ, таа синоќа рече дека ја има предвид загриженоста на пратениците поради осигурувачката политика чија цел е да гарантира после Брегзит да нема царинска контрола долж границата меѓу Ирска, која е членка на ЕУ, и британската територија Северна Ирска.

Тереза Меј во Долниот дом на Парламентот рече дека „оваа недела уште ќе разговара со колегите за да разгледа како може да ги исполни обврските кон жителите на Северна Ирска и Република Ирска на начин кој може да добие најголема можна поддршка во Долниот дом“.

– А потоа заклучоците од тие разговори ќе ги пренесам на Европската унија, додаде Меј.

ЕУ, пак, нагласи дека нема повторно да преговара за договорот за излез на Британија од ЕУ.

Противниците на Меј изразуваат неверување во однос на изгледите таа да успее во својата намера, со оглед на тоа дека британските пратеници минатата недела одлучно го отфрлија договорот, а лидерите на ЕУ постојано порачуваат дека нема повторно да преговараат со него.

Притоа, лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин ја обвини премиерката за „длабоко негирање“ на неуспехот на својот договор, а нејзините обиди да го „воскрсне“ ги спореди со филмот „Денот на мрмотот“  од 1993 година во кој главниот лик постојано живее еден ист ден.