Меј ќе го одложи гласањето во Парламентот за договорот за Брегзит

Британската премиерка Тереза Меј се очекува да го одложи закажаното за вторник клучно гласање во Парламентот за договорот за Брегзит и на почетокот од следната недела да замине во Брисел на нови разговори, објавија британските медиуми во неделата.

Тие цитираат „министри и помошници“, според кои Меј денеска ќе објави дека го одлага гласањето. Многумина предвидуваа дека таа ќе загуби на гласањето и министрите се загрижени дека поразот може да доведе до пад на Владата.

Меј следната седмица ќе замине за Брисел за да упати последен повик до Европската унија за подобри услови во договорот за излез на Велика Британија, со цел да добие поддршка од пратениците.