Меј најави оставка ако парламентот го прифати нејзиниот план за брегзитот

Британската преиерка Тереза Меј изјави во средата вечерта дека ќе поднесе оставка доколку нејзиниот план за напуштањето на Обединетото Кралство на Европската унија , кој парламентот двапати го отфрли, биде изгласан во третото гласање, кој е последниот обид бунтовниците во нејзината Конзервативна партија да ја убеди да го поддржи нејзиниот договор со Брисел.

Меј на средбата со конзервативните пратеници рекла дека ќе отстапи од должноста челник на Ториевците и премиерка доколку нејзиниот договор за раздружувањето со ЕУ добие зелено светло во поделениот парламент, за да овозможи некој нов премиер да тргне во нова фаза од преговорите за идните односи со ЕУ.

„Сосема ми е јасно расположението во партијата. Знам дека постојат желби за нов пристап, ново водство за втората фаза од преговорите за брегзитот, и јас на тоа нема да му стојат на патот“, порачала Меј.

Нејзината изјава претставува последниот драматичен пресврт во тригодишната криза во Велика Британија поради брегзитот, но и натаму останува нејасно како, па дури и дали Британија ќе ја напушти Унијата. Многу конзервативци, коишто сакаат порадикално прекинување на врските со ЕУ од она кое Меј го испреговата со Брисел, јасно дадоа на знаење дека ќе ја разгледаат можноста да го поддржат нејзиниот план доколку јасно им вети дека ќе отстапи и каже кога тоа ќе го стори.

Меј уште порано вети дека ќе замине пред следните редовни парламентарни избори во 2022 година. Согласувајќи се со порана оставка, го зголемува шансите нејзиниот договор за брегзитот да мине во парламентот пред новиот краен рок на 12-ти април.

„Подготвена сум должноста да ја напуштам порано отколку што планирав за да го сторам она што е добро за нашата земја и нашата партија. Сите во оваа сала ги повикувам да го поддржат договорот за да ја извршиме нашата историска должност, да ја спроведеме одлуката на британскиот народ и да излеземе од ЕУ на мирен и среден начин“, рекла Меј на партискиот состанок , според делови од излагањето кои ги објави нејзиниот кабинет.

Се очекува дека владата на Меј во петок ќе го даде договорот за брегзитот на третото гласање во парламентот.

„Тоа беше неизбежно и мислам дека донела исправна одлука. Го сфатила расположението на партијата, што е изненадувачки“, коментираше конзервативната пратеничка Паулина Лејтам.

Договорот меѓу Меј и Брисел значи дека Британија ќе го напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија, како и нивните политички тела. Но тој предвидува и натаму да се применуваат некои од прописите на унијата, освен доколку во иднина не се најде начин да не се воспостави повторно тврдата граница меѓу Северна Ирска којашто е покраина на Обединетото Кралство и Република Ирска којашто е членка на Европската унија.

Истовремено додека Меј на своите сопартијци и пратеници им ја објавуваше намерата да отстапи од должноста, во главната сала на парламентот се дискутира за осумте различни опции за брегзитот, од нов референдум , излегување без договор, до договор кој Британија би ја оставил во блиски односи со ЕУ. Конечен резултат, според сѐ судејќи нема да има во средата, имајќи го предвид бројот на предложните алтернативи. Вториот круг од гласањето се очекува во понеделник.

Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ на 29-ти март, но поради блокадата во парламентот европските челници ѝ дадоа на премиерката Меј две опции на самитот на 21-ви и 22-ри март. Или британските пратеници оваа седмица ќе изгласаат повлекување и Велика Британија уредно ќе излезе од ЕУ, со одложување до 22-ри мај, или договорот ќе биде отфрлен и Лондон до 12-ти април ќе ја претстават алтернативата и да бараат ново одложување коешто ќе го обврзе да ги организира изборите за Европскиот парламент кон крајот на мај, а тоа би значело всушност останување во Унијата.