Меј смета дека договорот за брегзит може да се постигне со интензивна работа

Во пресрет на самитот на челниците на земјите членки на Европската унија кој главно ќе биде посветен на преговорите за истапувањето од членството на Велика Британија коишто се закочија и без големи шанси токму на овој дводневен состанок на врвот да се направи напредок, британската премиерка Терезе Меј изјави дека може да се постигне договор доколку се работи интензивно.

„Ги решивме повеќето прашања околу договорот за излегување. Останува прашање за решението за Северна Ирска. Работејќи интензивно и тесно соработувајќи можеме да постигнеме договор. Договорот е во интерес и на Обединетото Кралство и во интересот на Европската унија, “, изјави британската премиерка Тереза Меј.

Германската канцеларка Ангела Меркел најави дека ќе стори сѐ што може Европската унија да склучи договор со Велика Британија, но дека решение сѐ уште нема. Претпладнето во средата говорејќи во германскиот парламент, Меркел изјави дека Берлин се подготвува и за ткн „тврд брегзит“, односно раздружување со Лондон и без постигнат договор за натамошните меѓусебни односни.

„Би биле среќни доколку договорот беше веќе подготвен. Сега имаме договорено 90 отсто од содржината. Сакам да се занимавам со преостанатите прашања во добра верба и да сторам сѐ да се дојде до договор. Тоа би било најдоброто решение за двете страни“, рече Меркел.

Европската унија е подготвена да го продолжи за 12 месеци преодниот период по излегувањето на Велика Британија од Унијата, за преговарачите од двете страни да добијат повеќе време за изнаоѓање решение за границата на ирскиот остров, главната точка околу којашто се кршат копјата.

Брисел сака посебен статус за Северна Ирска, и инсистира на ткн заштитен механизам ило осигурување дека нема да до воспоставување на физичка граница согласен правилата во рамките на ЕУ, што британската премиерка Тереза Меј го одбива, сметајќи дека со тоа неприфатливо се задира во територијалниот интегритет на Обединетото Кралство, преку нејзиниот составен дел Северна Ирска.

Воспоставувањето на физичката граница меѓу Британија и Ирска го доведува во прашање интегритетот на единствениот европски пазар и е во спротивност со мировниот договор постигна на Велики петок 1998 година со кој беше ставен крај на триесетгодишниот судир меѓу мнозинските протестантски пробритански унионисти и републиканските католици, што би можело да го загрози мировниот процес во Северна Ирска.

Предлогот а продолжување на преодниот период го поздрави ирскиот премиер Лео Варадкар.

„Секогаш сметав дека се потребни две или повеќе години за преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија за договорот кој ќе покрива сѐ од економијата до трговијата и безбедноста“, изјави Варадкар, предупредувајќи дека тој подолг преоден период не смее да се смета за алтернатива за безбедносната мрежа во поглед на границата на ирскиот остров.