Меј смета на излегување од ЕУ непосредно пред европските избори

Британската премиерка Тереза Меј изјави во средата по доаѓањето на вонредниот самит на Европската унија посветен на истапувањето на Обединетото Кралство од блокот дека смета на излегување пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент кон крајот на мај и оттаму за неа е помалку важна должината на одложувањето за кое треба да одлучат челниците на 27-те земји членки, а францускиот претседател Емануел Макрон порача дека тоа не треба да се сфати „здраво за готово“.

„Побарав одложување до 30-ти јуни, но она што е поважно е одложувањето да ни овозможи излегување во моментот кога ќе го ратификуваме договорот за раздружувањето, така што можеме да излеземе на 22-ри мај и да започнеме да градиме посветла иднина“, изјави во Брисел британската премиерка Тереза Меј.

Во средата доцна попладнето започна вонредниот самит на ЕУ на кој Тереза Меј ќе беше присутна само на почетокот, да го образложи своето барање за одложување на брегзитот, а потоа ќе им препушти на 27-те колеги за тоа да одлучат.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во вторникот предложи „флексибилен рок“ за одложувањето на излегувањето на Велика Британија кое би траело најмногу една година, а би можело да биде завршено штом британскиот парламент ги потврди договорот за раздружување.

Во нацртот на завршната изјава подготвена пред самитот тоа се истакнува како посебен услов. Доколку Лондон не учествува на европските избори, „брегзитот ќе се случи на 1-ви јуни 2019 година“, се вели во текстот. Во нацрт заклучоците се предвидува одложување, но без рок, што значи дека на челниците на 27-те земји членки на ЕУ им е препуштено за тоа да се договорат во текот на самитот. Освен „флексибилното“ продолжување најмногу до една година, уште се споменува и моќноста за одложување до крајот на годинава.

Освен самиот рок до кога на Велика Британија ќе ѝ биде одобрено одложувањето, пред челниците на 27-те земји е у поважната задача да ги одредат условите под кои одложувањето може да се случи. Од Велика Британија веројатно ќе биде побарано да не ги опструира преговорите за повеќегодишната буџетска рамка и изборите за челниците на институциите на ЕУ.

Британскиот парламент веќе трипати досега го одбиваше договорот кој го испреговара Меј со Брисел, но премиерката и натаму истакнува дека тоа е единствениот начин за уредено излегување и оттаму ги започна преговорите со опозициските лабуристи за да обезбеди поддршка во парламентот. Поради тоа сѐ уште очекува дека тоа е можно пред европските избори. Ако тоа не се случи, пак, Велика Британија ќе мора да ги спроведе овие избори на 23-ти мај.

Францускиот претседател Емануел Макрон малку подоцна во средата рече дека нестрпливо ја очекува причината на Меј поради кој ЕУ на Лондон би требало да му одобри продолжување на преговорите за брегзитот.

„Нестрпливо исчекувам што ќе каже Тереза Меј, но што се однесува до мене, ништо не треба да се зема здраво за готово. Ништо. Особено за што се зборува, а тоа е подолго одложување. Мораме да сфатиме зошто е упатено ова барање, која политичка причина тоа го оправдува и кои се предлозите…. Време е за носење одлуки“, рече Макрон пред новинарите по доаѓањето на самитот на ЕУ во Брисел.

Макрон беше еден од најгласните челници во негодувањето поради продолжувањето на преговорите за брегзитот и сака да ги протурка строгите услови кои ќе излезат со какво и било одобрување на одложувањето за Британија. Француските функционери порачаа дека Лондон треба да вети дека нема да ги попречува носењето на одлуките во ЕУ и притоа да се обврзе на изземање од значајните прашања, како што е одлучувањето за новиот претседател на Европската комисија или за преговорите за буџетот, доколку му биде одобрено одложувањето.