Меј во Брисел во нов обид да ја убеди ЕУ да прифати промена на договорот

Британската премиерка Тереза Меј во четвртокот патува во Брисел за од челниците на Европската унија повторно да побара да прифатат промена на веќе преговараниот договор за излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата кога станува збор за ирската граница, што ЕУ упорно го одбива.

Британската премиерка Тереза Меј во четвртокот патува во Брисел за од челниците на Европската унија повторно да побара да прифатат промена на веќе преговараниот договор за излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата кога станува збор за ирската граница, што ЕУ упорно го одбива.

Меј ќе ги повика челниците на ЕУ да се обидат со неа да ја изменат веќе договорената спогодба, и да ѝ помогнат да добие поддршка во поделениот британски парламент и да се олесни британското излегување од Унијата.

Британската премиерка во Брисел доаѓа во тензична атмосфера, ден по полемиката којашто ја покрена претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Одбивајќи го уште еднаш предлогот на Меј повторно да се преговара за брегзитот, особено за спорниот „бекстоп“ на границата со Ирска, Туск во средата повтори дека би сакал Лондон да се откаже од излегувањето, но и порача дека ЕУ е подготвена на раздружување без договор. Туск, сепак, не верува дека откажувањето од излегувањето е можно, бидејќи доследни на брегзитот се и премиерката и нејзините конзервативци и челникот на опозициските лабуристи.

Состанокот меѓу Туск и Меј е предвиден за 15 часот. Претходно Меј ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

Задачата на Тереза Меј ќе биде извонредно тешка, бидејќи во ЕУ повторуваат дека догворот за брегзитот кој 27-те челници го договорија со британската влада кон крајот на ноември не е отворен за нови преговори. Но, исто така, сите повторуваат дека сакаат да го избегнат сценариото на брегзит без договор. Британските парламентарци минатиот месец го отфрлија оригиналниот договор на премиерката и ЕУ за излегувањето на Велика Британија од Унијата, и од Меј побараа да го измени. ЕУ одбива да даде нова понуда, а повторно на тоа во средата предупреди Туск, а претходно тоа го стори и главниот преговарач на ЕУ за брегзитот, Мишел Барние.

Најголема пречка за ратификацијата на договорот меѓу Лондон и Брисел во британскиот парламент е ткн „бекстоп“. Британските пратеници побараа повторно да се преговара за овој заштитен механизам, кој осигурува да не се случи повторно воспоставување физичка граница на ирскиот остров, што е во спротивност со мировниот договор од 1999-та.

Бекстоп е гаранција дека по излегувањето на Велика Британија нема повторно да биде воспоставена гранциа меѓу Република Ирска, членка на Европската унија, и Северна Ирска, која е покраина на Обединетото Кралство. Тој би бил активиран само во случај кога во преодниот период, кој според договорот за раздружување трае до крајот на 2020 година, нема да биде најдено некое иновативно решение кои би ја отстранило потребата за воспоставување гранична контролата на луѓето и стоките.

Имајќи го предвид европскиот став дека за веќе преговараниот договор не може повторно да се преговата, сѐ е поблиску можноста за излегување на Велика Британија од Европската унија без никаков договор, што значи и без преоден период кој на компаниите и граѓаните ќе им овозможи постепено прилагодување.

Гласањето за новиот договор во британскиот парламент, како што објави во средата весникиот The Telegraph, наводно сега се планира за седмицата која започнува на 25-ти февруари, само еден месец пред 29-ти март, датумот одреден за официјалното британско напуштање на ЕУ.