Меј во јуни на парламентот повторно ќе му го понуди својот договор за брегзитот

Британската премиерка Тереза Меј повторно следниот месец ќе се обиде да го добие одобрувањето од пратениците за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, поставувајќи нов рок за својот договор за брегзитот и можни рокови за нејзиното заминување од власт.

Речиси три години откако Велика Британија гласаше за напуштање на ЕУ, тамошните политичари сѐ уште не се согласни околу тоа кога, како и дури дали воопшто ќе се случи раздружувањето. Брегзитот требаше да се случи на 29-ти март, но премиерката Тереза Меј не можеше да постигне нејзниот договор за излегувањето да биде ратификуван во британскиот парламент кој го отфрлаше трипати, а сега датумот предвиден за излегувањето од Унијата е предвиден за 31-ви октомври.

Портпаролот на Меј во вторникот ноќта рече дека таа сега планира да го стави на гласање Законот за договорот за излегувањето, кој ги утврдува условите за истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, во седмицата којашто започнува на 3-ти јуни, за да го обезбеди брегзитот пред пратениците да заминат на летниот одмор.

„Важно е тоа да го сториме, ако Обединетото Кралство трба да ја напушти ЕУ пред летната парламентарна пауза“, рекол портпаролот откако премиерката Меј се сретнала со челникот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, во рамките на разговорите со кои сака да обезеди поддршка од неговата партија за законот за брегзитот.

„Поради тоа ќе го предложиме Зоконот за договорот за излегувањето во седмицата којашто започнува на 3-ти јуни“, рекол портпаролот наведувајќи ја истата седмица во којашто американскиот претседател Доналд Трамп ќе допатува во државна посета на Велика Британија.

Меј, којашто успеа да си ја осигури челната позиција во владејачката Конзервативна партија и премиерската должноста во хаосот кој следеше откако Британците во јуни 2016 година со тесно мнозинство на референдум изгласаа истапување од ЕУ, е под притисок од дел од нејзините сопартијци во парламентот да го постави рокот за нејзино заминување. Американската инвестициска банка „JP Morgan“ во вторникот во белешката до своите клиенти наведе дека Меј тешко ќе го преживее крајот на јуни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.