Мекдоналдс повторно ќе отвора ресторани во Украина?

Мекдоналдс ги објави плановите за повторно отворање на рестораните во Украина, кои беа затворени по руската инвазија во март, јавува Би-Би-Си. Синџирот ресторани за брзa храна соопшти дека се надева дека овој потег ќе помогне да се врати „малото, но важно чувство на нормалност“.

Оттаму велат дека во следните неколку месеци ќе има етапно повторно отворање во Киев и западна Украина во областите кои се сметаат за безбедни. Мекдоналдс имаше повеќе од 100 ресторани во Украина пред да започне конфликтот.

„Разговаравме опширно со нашите вработени кои изразија силна желба да се вратат на работа и повторно да ги видат отворени нашите ресторани во Украина, каде што е безбедно и одговорно да се прави тоа“, рече заменик претседателот Пол Помрој во порака објавена на веб-страницата на компанијата.

„Во последниве месеци, верувањето дека ова ќе го поддржи малото, но важно чувство на нормалност стана посилно, и украински официјални лица советуваа дека бизнисите кои ќе продолжат со работа ќе ја поддржат локалната економија и украинскиот народ“, додаде тој.

Аналитичарите очекуваат војната да предизвика економски пад од 35% или повеќе во Украина оваа година, попречувајќи го извозот, уништувајќи ја клучната инфраструктура и принудувајќи илјадници бизниси да затворат.