Мексиканците нема да калкулираат, одат на победа и против Шведска

Импресивните Мексиканци и покрај победите против Германија и Јужна Кореја се уште не обезбедија пласман во следната рунда, а за тоа ќе им треба најмалку еден бод против Шведска. Од аспект на љубителите на фудбалот би била вистинска трагедија по прикажаниот фудбал Мексико да остане без осминафинале на Мундијалот.

Не калкулиравме и не се занимававме со математика, независно од резултатот на мечот меѓу Германија и Шведска во последното коло ќе игравме на победа и освојување на првото место, изјави Гуилјермо Очоа.

Дури и пред голот на Крос за победа на Германците против Шведска, кој го остави Мексико без сигурен пласман во следната руда, истото го најави и капитенот Андрес Гуардадо.

Сакаме да ја испишеме историјата, целта ни е да одиме што подалеку и додека тоа не го реализираме нема да се опуштиме. Не се плашиме од никого и секого сакаме да го победиме, рече Гуардадо.

И селекторот Хуан Карлос Осорио мисли исто како и неговите фудбалерите.

Имаме план како да му се заканиме на ривалот. Ги почитуваме како што ја респектиравме и Германија, но тоа не значи дека нема да се откажеме од надигрувањето само затоа што на Шведска и треба победа, рече Осорио.

Кога станува збор за Шведска, најголемата енигма, веројатно и за самиот изборник, Јане Андерсон, е начинот на кој неговиот тим ќе реагира по шокантниот пораз од Германија. Сепак, искусниот стратег во најава на натпреварот се обиде да ја побара позитивната страна.

Покажавме дека речиси до самиот крај можевме да се справиме со актуелниот светски шампион, а тоа ја зајакна нашата самодоверба. Влегуваме во натпреварот со размислување дека можеме добро да одиграме, а ќе покажеме и дека сме ментално навистина силни, изјави Андерсон.

Во прилог на неговата репрезентација не оди фактот дека е тим кој игра на контранапади, а Шведска е таа која ќе мора да нападне.

Мексико е индивидуално силен тим, одиграа два одлични натпревари и навистина се добри во контранапади. Но и ние ќе имаме свои планови, знаеме како да ги загрозиме да го постигнеме она што го сакаме, вели капитенот, Андреас Гранквист.

Според моменталната состојба во групата, можни се повеќе опции околу тоа кој ќе патува во наредната рунда.
Мексико оди понатаму ако освои барем еден бод против Шведска или ако Германија не ја победи Јужна Кореја.
Шведска ќе оди во вториот круг ако го победи Мексико, но и ако загуби, со пораз на Германија.
Германија, пак, мора да победи со два гола разлика ако победи Шведска, или да постигне повеќе голови од Швеѓаните за да бидат сигурни за вториот круг.

Ако Германија и Шведска ремизираат, тимот кој ќе постигне повеќе голови во ремито оди понатаму. Ако бидат изедначени Германија оди понатаму поради триумфот во меѓусебниот дуел.

Јужна Кореја може да оди во осминафиналето ако ја победат Германија, а Шведска загуби од Мексико, но ќе одлучува бројот на постигнати голови.