Мексиканец егзекутиран во САД поради убиство на полицаец

87

Четириесет и шестгодишен Мексиканец, осуден за убиство на полицаец во САД, вчеравечер бил егзекутиран во сојузната американска држава Тексас, и покрај силните реакции како на Вашингтон така и на властите во Мексико, објавува Би-Би-Си, пренесува Нетпрес.

Мексиканските власти тврдат дека со егзекуцијата на Едгар Тамоја, се прекршени меѓународните закони, бидејќи кога бил уапсен не му било кажано дека има право да побара правна помош од мексиканскиот конзулат. За случајот дури интервенирал и американскиот државен секретар, кој се обидел да ја одложи смртната казна, но тоа сепак не му успеало.

Тамајо, пред егзекуцијата, одбил да даде последна изјава. Тој бил прогласен за мртов во 21.32 часот по локално време, а на неговото погубување присуствувала мајка му и уште четворица челнови на неговото семејство.

Според пресудата, Тамајо во јануари 1994 година го убил дваест и четиригодишниот полицаец Гај Гадис, кој го привел поради кражба. Мексиканецот злосторството го сторил додека полицаецот со автомобил го возел до полициска станица. Во еден момент Тамајо, кој седел на задното седиште, извадил пиштол, кој го криел во гаќите, и му пукал на Гадис три пати во главата.

И адвокатите на Мексиканецот тврдат дека нивниот клиент е оштетен бидејќи не знаел дека може да побара помош од мексиканскиот конзулат. Тие сметаат дека помошта од конзулатот би можела да доведе до нови докази, кои пак би издејствувале намалување на казната.

Но, американскиот Врховен суд не ги прифатил нивните предлози и забелешки.

Пред и за време на егзекуцијата на Тамајо, долж границата меѓу Мексико и САД се одржале масовни протести во кои учествувале и мексикански и американски државјани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.