Мексикански барон на дрогата почина од срцев удар

Хектор Белтран Лејва, познат како мексикански барон на дрогата и следбеник на озлогласениот Ел Чапо, починал вчера од срцев удар, јавуваат светските медиуми, пренесува НетПрес.

Тамошните власти соопштиле дека вчера познатиот наркодилер од затвор бил пренесен во болница, неколку минути откако се пожалил на силни болки во градите. Медиумите објавуваат дека и покрај неговата листа на криминални дела и лошото реноме кое го имал, тој ја добил веднаш потребната медицинска помош од стручните лица како во затворот, така и во болницата. Сепак, и покрај напорите на лекарите Лејва, кој бил на педесет и шестгодишна возраст, починал.

Озлогласениот наркодилер својата казна ја издржувал во Државниот затвор во централно Антиплано, Мексико, од март 2016 година. Мексиканскиот затвор Антиплано важи за казнена установа со највисока безбедност, каде се сместуваат криминалци со тешки обвиненија. Владата во Мексико го сметаше затворањето на Лејва како голем успех во борбата против дилерите на дрога.

Инаку, Лејва кого светските медиуми го објавуваат дека бил следбеник на добропознатиот наркодилер Жоакин Арчивалдо Гузман викан „Ел Чапо“, покрај обвиненијата за трговија со дрога, бил гонет од властите и за шверц и препродажба на уметнички дела, но и криминал со недвижности.