Осомничениот водечки мексикански трговец со наркотици Исмаел „Ел Мајо“ Замбада се изјасни во петокот за невин по обвиненијата за криумчарење дроги во САД, откако тој и синот на уште еден познат мексикански нарко-бос беа уапсени во четвртокот во случај што се оценува како исклучително остварување на американските служби за прогон коешто може да доведе до „сеизмичка промена“ на криминалната сцена во Мексико.
Според судските списи, во коишто увид имале водечките американски медиуми, Замбада во петокот се откажал од правото лично да се појави пред судијата и овласти во негово име правниот застапник да се изјасни за невин.
Нему му е одредена мерка притвор без право на кауција и треба да биде изведен преде пред судијата Ен Бертон следната среда, според документите, пишува Reuters. Неговиот адвокат не одговорил веднаш на барањето на агенцијата за коментар.
Обвиненијата од Тексас за кои Замбада се изјаснил за невин вклучуваа продолжување на криминални кативности, заговор за увоз на наркотици и перење пари. Во обвинението, поднесено во април 2012 година, се наведува дека членовите на картелот под водство на Замбада и „Ел Чапо“ Гузман киднапирале жител на Тексас во 2009 година за да одговара за загубата на запленетата пратка со марихуана и киднапирале американски државјанин и двајца членови на неговото семејството во 2010 година. Двете жртви се убиени, а нивните тела биле откриени во пограничниот мексикански град Хуарез, соопштија обвинителите.
Мексиканската министерка за безбедност Роза Родригез во петокот рече дека Мексико е информирано за апсењата од американската влада, но дека мексиканските власти не учествувале во операцијата. Таа, исто така, рече дека не е јасно дали двајцата мажи биле уапсени или самите се предале на американските власти.
„Мексиканската влада не учествуваше во ова приведување или предавање“, рече Родригез на прес-конференција.
Замбада „Ел Мајо“ се смета за еден од најголемите криумчари на луѓе во историјата на Мексико, и е познат како основач на злогласниот картел Синелоа заедно со Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, кој беше екстрадиран во САД во 2017 година и таму ја отслужува доживотната казна во затвор со максимална безбедност.
И Замабада, и Хоакин Гузман Лопез, синот на „Ел Чапо“, се соочуваат со повеќе обвиненија во САД во врска со криумчарење и растурање огромни количества фентанил и други наркотици на улиците во американските градови. Предозирањето со фентанил e водечката причина за смрт кај Американците на возраст меѓу 18 и 45 години.
Замбада, за кој се верува дека е во 70-те години од животот, и Гузман Лопез кој е во 30-те, беа уапсени од американските власти откако во четвртокот слетаа со приватен авион во областа на Ел Пасо. Во петокот американскиот претседател Џо Бајден ги потврди нивните приведувања, за кои неофицијално претходно известуваа медиумите, и вети продолжување на борбата против трговците со дроги.
„Премногу наши граѓани ги загубија своите животи од злото на фентанилот. Премногу семејства се скршени и страдаат поради оваа деструктивна супстанца“, наведе меѓу другото Бајден во писмената изјава за јавноста.
Стапица
Гузман Лопез всушност го повикал, всушност го намамил Замбада во САД, пишува Reuters повикувајќи се на три извора од сегашни и поранешни американски функционери запознаени со операцијата, кои барале анонимност.
Американските власти ги имаат поставен мексиканските нарко-босови како приоритетни цели, иако честопати склучуваат договори за признавање вина со нив во замена за информации кои ќе доведат до апсење на други високо рангирани лица од картелите.
Reuters пишува дека не можеле веднаш да добијат потврда дека е постигнат договор за признавање вина, но наведува дека доколку се покаже дека Замбада бил предаден од Гузман Лопез, тоа бил имало големи последици за картелот Синелоа, и генерално насилството во Мексико.
Сепак, се чини дека давањето вакви информации е стратегија на американските власти за создавање раздор, конкретно во картелот Синелоа. Но тоа би можело да доведе до уште покрвави одмазднички пресметки во разните струи и банди кои се делови од оваа злосторничка организација.
Гузман Лопез е еден од четворицата синови на „Ел Чапо, попознат како „Лос Чапитос“ односно „Малиот Чапо“, кои ја наследија струјата, инаку најмоќната, на нивниот татко во картелот. Неговиот брат Овидио Гузман Лопез, беше уапсен минатата година во Мексико и екстрадиран во САД. На социјалните мрежи беа објавени шпекулации дека Овидио Гузман е наводно ослободен, но американскиот амбасадор во Мексико, Кен Салазар, во изјава за медиумите тврдеше дека тој „останува во притвор во САД“ каде чека почеток на судењето.
Замбада и синовите Ел Чапо припаѓаат на две различни генерации трговци со луѓе и наркотици, и имаат различни техники на изведување на своите криминални активности. Замбада е познат по тоа што е „старата нарко-школа“, избегнувајќи го центарот на вниманието и делува од сенка. Спротивно на тоа, синовите на Ел Чапо имаат репутација на блескави наркосови кои го привлекоа внимание додека се искачуваа во хиерархијата на картелот.
Познато е и дека синовите на Ел Чапо се понасилни и пожестоки босови од Замбада, кој имаше репутација на остроумен извршител. Замбада и синовите на Ел Чапо имаат нарушени односи откако нивниот татко беше екстрадиран во 2017 година, а апсењата на Замбада и Гузман Лопез може да предизвикаат нестабилност или дури и насилство во нивните срж во северната сојузна мексиканска држава Синалоа.
Последните години картелот Синелоа стана приоритетна цел на американските власти, кои ја обвинуваат оваа криминална организација дека е најголемиот снабдувач со фентанил во САД. Картелот Синелоа криумчари други во повеќе од 50 земји ширум светот и е една од двете најмоќни организирани криминални групации во Мексико, според американските власти.