Мексико ја понижи Хрватска

Осминафиналната рунда остана само сон за репрезентативците на Хрватска, а реалност за фудбалерите на Мексико.

Дерби натпреварот во групата “А”, дуелот помеѓу директните ривали во борбата за втората позиција заврши со убедлив триумф на Мексиканците од 3:0.
Големиот успех го најави капитенот Рафа Маркез кој постигна прекрасен погодок со глава во средината од второто полувреме.
Веднаш по тој погодок, во листата на стрелци се запиша Андрес Гуардадо, а последниот погодок на натпреварот беше дело на резервниот напаѓач, Хавиер Хернандез.
“Мексико го направи тоа што требаше да го направиме ние, даде два гола од прекини на играта. Кога мечот е изедначен решаваат нијанси, а овојпат поснаодливи беа Мексиканците. Не бевме лоши во првото полувреме, но тешко ни одеше да играме кон напред. Во вториот дел, по примениот прв гол речиси се се распадна. Не знам зошто паднавме на физички план, дали Мексико многу не исцрпи, но факт е дека и тие имаа респект кон нас и не го играа својот препознатлив пресинг. Животот оди понатаму, мора да ја кренеме главата. Сега ќе има многу анализи, сите ќе бидат селектори, но јас стојам зад своите тактички замисли и игравме така затоа што јас така замислив“, изјави селекторот на Хрватска, Нико Ковач.