Мексико преку Кореја до втората мундијалска победа

Во средбата од второто коло во Групата Ф на Светското фудбалско првенство во саботата Мексико во Ростов на Дон ја совлада Јужна Кореја со 2:1 (1:0).

Стрелци за Мексико беа Карлос Вела во 26 минута од пенал и Хавиер Ернандез во 66 минута, додека конечните 2:1 ги постигна Хеинг-мин Сон во третата минута од судиското продолжение. Мексиканците заслужено дојдоа до победата во мечот во кој Јужнокорејците не избираа средства да ги попречат противничките играчи.

Првата вистинска шанса на дуелот ја имаа Корејците кога во 22 минута напаѓачот на Тотенхем Сон дури трипати во еден напад безуспешно се обидуваше да го совлада мексиканскиот голман Очоа., но двапати беа блокирани неговите удари а третиот пат ја испрати топката крај голот. Во 25 минута топката го погоди во раката корејскиот бек Јанг, по што беше досуден пенал кој го реализираше Карлос Вела. До крајот на полувремето опасни удари кон корејскиот гол упатија и Лозано и Лајун, додека Корејците го имаа поседот на топката но беа концентрирани и прецизни во завршниците од своите акции.

Во второто полувреме Гуардадо во 58 минута упати одличен удар но уште побравурозно одбрани корејскиот голман Чо. Но во 66 минута Мексиканците изведоа брз противнапад кога Лозано додаде до Ернандез, а кој ги измами јужнокорејските бекови и пласираше крај голманот. Корејците намалија дури во третата минута од судиското продолжение кога нивниот најдобар играч Сон од 20 метри го погоди самиот горен десен агол на немоќниот Очоа.

Мексико води во оваа група со шест бодови, но сѐ уште го нема осигурено пласманот во осминафиналето, додека Јужна Кореја е без бодови, но има и натаму теоретски шанси. Во моментов втората Шведска со три бода ќе решава со актуелниот светски првак Германија која нема бодови.