Свет

Мексико Сити ја доби првата жена градоначалник

Мексико Сити ја доби првата жена градоначалник

Клаудија Шајнбаум стана првата жена градоначалник на Мексико Сити откако синоќа положи заклетва и веднаш најави дека ќе ја расформира полицијата за сузбивање нереди.

„Полицијата постои за да го штити народот, и не ни се потребни полициски сили кои ќе спроведуваат репресија врз луѓето“, истакна таа.

Шајнбаум вети дека ќе изгради жичари до сиромашните импровизирани населби и дека ќе го подобри јавниот превоз со автобуси и метро.

Клаудија исто така најави и изградба на куќи за луѓе кои ги загубиле своите домови во земјотресите во 2017 година, а меѓу главните ветувања и е намалување на криминалот.

Шајнбаум, која докторирала во областа на инженеринг на животна средина, спровела постдокторско истражување во Националната лабораторија „Лоренс Беркли“ во Калифорнија и е поранешна членка на Меѓувладината комисија на ОН за климатски промени.

Таа исто така е долгогодишна соработничка на новиот левичарски претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.