Мемети: Голем број прекршувања на човековите права и слободи во 2017

Партизираната и непрофесионална јавна админситрација на централно, а особено на локално ниво, неефикасно судство и обвинителство, полиција што најчесто со примена на сила ги надминува овластувањата, се главните фокуси во годишниот извештај на Народниот правобранител Иџет Мемети, што денеска беше претставен пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Омбудсманот освен низа прекршувања на човековите слободи и права во текот на 2017 година, констатира  и невидени судски апсурди.

Основниот суд Скопје II Скопје непочитувајќи го Законот за парничната постапка, односно без да го провери идентитетот на тужениот, вклучитело и со обезбедување на неговите лични податоци (точно име презиме и матичен број), ја прифатил тужбата на Скопје Север АД – Скопје и му наложил да плати долг од 11.475,50 денари, заедно со камата и трошоци на постапката, се вели во извештајот на Народниот правобранител.

Според извештајот лицето никогаш не било корисник на услуги за испорачана топлинска енергија, ниту пак, живеело во посочениот стан.

Народниот правобранител постапувајќи по претставката на ова лице, неспорно утврди дека станува збор за очигледна грешка во однос на утврдување на идентитет на тужениот, поради што побара од тужителот Скопје Север АД-Скопје да ја повлече тужбата. АД постапи по укажувањето на Народниот правобранител и до Основниот суд Скопје II Скопје, достави писмен поднесок за повлекување на тужбата, вели Народниот правобранител и според него ова претставува сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните.

Народниот правобранител забележува дека  и во овој извештаен период граѓаните се соочиле со проблеми при наплатата на радиодифузната такса, сметките за вода, во работните и имотно-правните односи, урбанизмот и градбата.

Социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик, појава на дискриминација по сите основи, неефикасно судство и обвинителство, вели Мемети.