Меморандум меѓу Владата и „Макам Транс“ против корупција на граничните премини

 

Националниот координатор за гранично управување при Владата, Владимир Пивоваров и Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата на превозници „Макам Транс“- Скопје, денеска во присуство на заменикот на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски потпишаа Меморандум за заедничка соработка, во борбата против корупцијата на граничните премини при влез и излез во земјата, како и граничните премини во странство.

„Соработката со „Макам Транс“ предвидува, превозниците на кои на граничните премини ќе им биде побарано мито од страна на цариник, полицаец или инспектор за храна и ветерина, таквата информација, преку посебна апликација, да ја достават до нивната централа, која потоа ќе биде проследена до Дежурниот Оперативен Центар при Национален Координативен Центар за Гранично Управување. Центарот ќе има обврска таа информација веднаш да ја сподели до надлежната институција за понатамошно постапување – рече Пивоваров додавајќи дека за бројот на примените и дистрибуирани информации, Координативниот Центар ќе доставува месечен извештај до Владата на Република Македонија.

Министерот за внатрешни работи Спасовски подвлече дека Меморандумот за заедничка соработка на граничните премини е од исклучителна важност за одржување на континуитетот во воспоставувањето потесна, оперативна и ефективна соработка меѓу институциите и граѓаните при обезбедувањето на проток на патници и трговска стока.

Апликацијата која ќе биде бесплатна ќе ја има на веб страницата на Асоцијацијата „Макам Транс“ и ќе биде достапна за корисниците на мобилни телефони.

„Апликацијата ќе може да ја користи било кој превозник, не мора да биде член на нашата Асоцијација – рече Муратовска нагласувајќи дека пријавувањето на незаконските дејности ќе биде анонимно.

Според директорот на Царинската Управа, Танаскоски, мерките и соработката кои се регулираат во Меморандумот ќе обезбедат подобри услови за внатрешен и меѓународен транспорт на стока и проток на патници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.