„Меморија“ го сплоти народот со песна и покажа дека Македонија е жива, горда и вечна! (ФОТО+ВИДЕО)

„Меморија“ вчеравечер, сабота 11 јуни 20220 година ја „урна“ А1 арената „Борис Трајковски“. И покрај сите неприлики и малери кои му претходеа на долго најавуваниот концерт, групата на македонската публика и го приреди досега најголемиот концертен спектакл во последниве години, ако не и воошто, што една македонска група го направила.

Исполнета до максимум, салата беше претворена во концертна арена со сите нишани. Досега неслушнат звук доведен до работ на совршенство визави лошиот глас што ја бие акустиката на салата, како да настапува светски познат бенд, а не македонска група. Визуелните и светлосните ефекти во комплетна функција на она што се случуваше на сцената, атмосферата максимално загреана уште во самиот старт со настапот на младите музичари од бендот „2ВЕ“ кои беа достојна предгрупа на големата „Меморија“.

Со првите звуци на сајзерите и гитарските тонови веднаш се почувствува набојот на позитивна вибрации кој публиката беше подготвена да го создаде заедно со бендот. Култната „Македонија“ за старт на концертот кој беше многу повеќе од само обична рок ен рол журка.

Како што се редеа песните од првата фаза, од почетоците на постоењето на бендот, така навираа емоциите вткаени во стиховите кои со текот на годините стануваат се посуштински, поважни, побитни… Некои од нив дури и историски! Бендот усвирен до бескрај, звучи како уиграна машина која полека го достигнува својот зенит со секоја нова песна , секој нов рефрен, доведувајќи ја атмосферата до точка на вриење…

Поце пее како во најдобрите денови, суверено владејќи и со сцената и со публиката која возвраќа со невиден фидебек на искрени емоции, страст, енергија… Невидено чувство на сплотеност на оние на сцената и публиката која во еден глас ги пее од збор до збор сите песни, танцува во ритамот, ги повторува познатите хит рефрени заедно со Поце… Само народот во еден глас и вокалот на пејачот… Величенствено чувство на исполнетост, задоволство, мерак за душата, кој како никогаш досега се чувствуваше со секој отсвирен тон и секој испен стих…

Некаде на половина концертот влегува во „мирни води“, во баладична фаза во која се редат познатите сентиш теми со епски стихови… „Зошто Боже“, „Возови“, и химната на сите генерации – „Оган под ѕвездите“. Ѕвезденото небо од мобилните се претопува со она од светлосните ефекти, а додека целата сала пее во еден глас: „Не барајте вино испиено е…“ навираат морници по телото, спомени во мислите и неподнослива убавина во душата што се радува од глетката…

Македонски знамиња во публика, македонско знаме на сцената… „Меморија“ како никој досега успева да го сплоти народот со песна и да покаже дека Македонија е и тоа како жива… и вечна!

Следува видео реквием, со еден отсвирен рефрен во живо на култннта „Јесен у мени“ за крај на мирната фаза на концертот, како потесетување и почит на скопјанецот и голем Македонец, но уште поголем естраден уметник и пејач, скоро починатиот Аки Рахимовски.

Новата кулминација доаѓа со најавата на специјалните гости. Стефан и Мартин од „Некст Тајм“ засилени со Николче Мицевски и свирката на членовите на „Меморија“. „Патриотскиот набој“ го мултициплираат со уште една фантастична изведба на „Ја излези Ѓурѓо“, која во еден глас излегува од илјадниците грла.

Уште една братска двојка, Енко и Сецко од „Ласт Експедишен“ ја продолжуваат низата држејќи го концертниот набој на најсилно. „Шефе“ звучи „убиствено добро“, моќно како испукан музички проектил! Најавениот пејач на „Конкорд“ Сеад Јакупи за жал беше спречен да дојде заради корона, но македонскат гитарска легенда Венко Серафимов, заедно со „Меморија“ и Поце ја отпрашија „Високи штикли…“ како во најдобрите денови, кога „Конкорд“ беа најславни! Венко остана и со Славчо од „Морал“ во кој некогаш свиреа и сегашниот тапанар и гитарист на „Меморија“ – Мичо и Цале, па сите заедно засилени со Ристо Самарџиев во чест на починаиот Влатко Илиевски ја отсвиреа „Кога патувам“, водејќи ја публиката низ годините наназад и спомените на младиот прерано заминат пејач.

Ристо останува на сцената да пее во последната третина од концертот на кој се редат хитовите од таа фаза. Матурата кулминира со „Снежо, Снежана“, со која „Меморија“ покажува како се матурира со чиста петка во рок ен рол гимназија. И не само матура, туку и лектира… За минатите, сегашните и за идните генерации на некои нови клинци кои ќе имаат и на што да се потсетат и од кого да учат, и со што да се гордеат… Едноставно, ќе имаат своја, наша македонска музичка истора која бендот таа вечер покажа како се создава!

По „Моите слики“, Самарџиев останува сам на сцената со акустична гитара в раце за да ја отсвири и отпее неговата „Таму кај што си“, а додека публиката пее со него сцената се подговува за големото „гранд финале“. Со најавените први звуци на тапанот и појавата на блех оркестарот на Аце и „Весела дружина“ одекнуваат и првите ноти на „Дирлада“… И салата „експлодира“, А1 арената „се урива“ од атомски набој на енергија, преточена во музика. Гласни грла, високо кренати раце, еуфорија за историја… Сплотеност каква ретко кога се гледа… Можеби само при големите спортски победи на репрезентацијата, но овде нацијата ја замени репрезентацијата, а спортистите ги заменија музичарите на сцената. Сите заедно, за неподносливо чувство на радост, среќа, насмевки, прегратки, емоции… Како некогаш, во најдобрите денови.

Светлата се гасат, но публиката бара уште… Бисот неминовен, овој пат и двајцата вокали на „Меморија“ заедно на сцената и реприза на трите историски хита: „Македонија“, „Оган под ѕвездите“ и „Дирлада“… И одново лудница… Онакава каква што ни најголемите светски бендови кога доаѓале, не направиле.

Ама, радоста е голема до небо, зашто ова што тааа вечер го слушнавме и видовме – е наше! „Made in Macedinia“… како што оддамна не била, полна со „оган под ѕвездите“. Македонија онаква каква што заслужува… Горда, среќна и вечна!

ФОТО: Чапља и приватна архива
Извор: Вистина.мк