МЕПСО демантира: Не сме виновни за прекинот во снабдувањето со електрична енергија во централното подрачје на Скопје …

Од МЕПСО, објавените информации во врска со прекинот во снабдувањето со електрична енергија на населби од централното подрачје на Градот Скопје, истакнуваат дека се погрешни и се пласирани пред да заврши целосната проверка на фактичката состојба со цел утврдување на причините за прекините во снабдувањето со електрична енергија.

Во демантот упатен до медиумите се вели:

„МЕПСО во ниту еден момент не го оставил без напојување со електрична енергија приклучното место на кое се поврзува електродистрибутивниот систем  во трансформаторската станица „Скопје 3“. Стручните тимови на МЕПСО веднаш излегоа на терен и проверките утврдија дека денеска немало дефект ниту прекин во напојувањето со електрична енергија од трансформаторската станица „Скопје 3“ на која е поврзана електродистрибутивната мрежа. Повеќе информации за причините за прекините во снабдувањето со електрична енергија ве упатуваме да побарате во Операторот на дистрибутивниот систем“.

Според МЕПСО, чинот на објавување не е во функција на градење и јакнење на меѓусебна доверба и партнерски односи меѓу компаниите кои оперираат со преносниот и со дистрибутивниот систем. Од оваа комапнија истакнуваа дека ќе остане отворена за соработка со единствена цел непрекинато и сигурно снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија.