МЕПСО донира и засади жива ограда на новиот парк „Ибни Пајко“

Вработените и менаџментот на МЕПСО засадија жива ограда на новиот парк „Ибни Пајко“, во близина на Македонска филхармонија со што дадоа поддршка на иницијативата на Град Скопје за зазеленување на јавните површини во централното градско подрачје. Садниците засадени долж булеварот „Гоце Делчев“ се донација од МЕПСО, а акцијата ја реализираа вработените и менаџментот во рамки на својата годишна програма за активности од областа на општествената одговорност. Засадени се 80 садници од растението „буксуз“ кое се користи како еколошка ограда.

Паркот „Ибни Пајко“ се простира на површина од 7.000 квадратни метри помеѓу објектите на Филхармонија, поранешен МНТ и старата управна зграда на „Комерцијална банка“. По иницијатива на Градот оваа површина од запуштена локација е претворена во парк во чие уредување, засадување и поставување урбана опрема учествуваа повеќе инстанци и компании меѓу кои и МЕПСО.

Истовремено со засадувањето, друга група вработени од МЕПСО ја исчистија јавната површина помеѓу кејот на  Вардар дирекцијата на компанијата како уште една активност за поддршка на мерките за чиста животна средина промовирани од Општина Центар и Град Скопје.