МЕПСО пријави зголемени трошоци во работењето за 68 отсто

Државната МЕПСО денеска ја достави пресметката на трошоците до Регулаторната комисија и пријави повисоки трошоци за 68 отсто. Претходно и ЕВН ХОУМ, Електродистрибуција и МЕМО до РКЕ ги пријавија трошоците.

Заедничко за сите е што пријавија загуби и според тоа бараат нагорна корекција на цената на струјата, но во различна висина. Засега не е познато колкави трошоци пријавиле останатите енергетски компании.

Од МЕПСО информираат дека барањето за 68 отсто зголемување се должи на зголемените трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во преносната мрежа, кои се купуваат од слободниот пазар.

„ПРИЧИНИТЕ ЗА ВАКВОТО БАРАЊЕ СЕ ПОВЕЌЕСЛОЈНИ И НЕ СЕ ДОЛЖАТ НА ВЛОШЕНИ РЕЗУЛТАТИ ВО РАБОТЕЊЕТО НА КОМПАНИЈАТА, ТУКУ НА ОБЈЕКТИВНИ ПРИЧИНИ ВРЗ КОИ АД МЕПСО НЕМА НИКАКВО ВЛИЈАНИЕ“, наведуваат од компанијата.

Претседателот на Регулаторна, Марко Бислимовски, неодамна соопшти дека е извесно поскапувањето да биде над 10 отсто, за што вината ја префрли на оштините кои наместо од слободниот пазар, купуваат домашна струја директно од ЕВН Хоум и за само неколку месеци потрошиле енергија вредна 30 милиони евра.

Покрај цената на струјата во Регулаторна се подготвуваат блок тарифите, кои ќе ги има три или четири, зависно од количината на струја кое домаќинството ја троши.

Новата цена за електричната енергија треба да се донесе во јуни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.