МЕПСО стави под напон две инвестиции вредни четири милиони евра

А.Д. МЕПСО стави во функција две инвестиции во преносната мрежа во вкупна вредност од 4 милиони евра. По тој повод денеска премиерот Никола Груевски и Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО ги ставија во функција новиот 400/110 киловолтен енергетски автотрансформатор во трансформаторската станица Скопје 5 и реконструираниот 110 киловолтен далекувод што преку оваа трансформаторска станица ги поврзува Скопје и Куманово.

Првата инвестиција што се става под напон е нов 400/110 киловолтен енергетски автотрансформатор вреден 2,7 милиони евра. Со негово ставање во функција во паралелна работа ќе има два автотрансформатори , еден до друг, кои работат паралелно и имаат автоматска регулација на напон. Главна квалитативна предност е со нивната паралелна работа ќе се сведе на минимум ризикот од пад на напон во скопското конзумно подрачје што се снабдува со електрична енергија од оваа трансформаторска станици. Новата инвестиција ќе обезбеди стабилни напонски прилики на конзументите, ќе го зголеми квалитетот на електричната енергија и ќе ги сведе на минимум ризиците од испади на мрежата. Оваа инвестиција значајно ќе ја подобри доверливоста и ќе ја зголеми стабилноста на преносната мрежа и на снабдувањето со електрична енергија. Трансформаторот е изработен од материјали од најнова генерација,а производител е КРТ Загреб, дел од групацијата „Сименс“.

Втората инвестиција што свечено се става во функција денеска е реконструираниот 110 киловолтен далекувод Скопје-Куманово. На овој далекувод е извршена замена на постоечки со нови проводни јажиња. Вредноста на оваа инвестиција е 1,3 милиони евра, а заменети се проводни јажиња на трасата на далекуводот долг 26 километри. Сега далекуводот е опремен со такананаречено супер проводно јаже кое трпи поголемо оптоварување од класично проводно јаже. Тоа значи зголемена доверливост на електроенергетскиот систем, стабилна работа и подобрување на квалитетот на снабдување со електрична енергија. Оваа енергетска врска ќе претставува солидна енергетска инфраструктура за идни бизнис капацитети кои ќе се градат во околината на Куманово или во Скопје.