„Мерцедес“ го продолжи договорот и со Ботас

По Луис Хамилтон, „Мерцедес“ го продолжи договорот со нивниот втор возач, Валтери Ботас.

Финецот ќе остане во германската екипа и следната сезона, а оставена е можноста за продолжување на соработката во 2020 година. Финансиските детали од договорот не се познати.

Дваесетгодишниот Ботас дојде во „Мерцедес“ во 2017 година од „Вилијамс“ и во дебитантската сезона го освои третото место во вкупниот пласман со 305 поени.

Многу сум среќен што сум дел од овој неверојатен тим, не можам да дочекам да видам што носи иднината, ќе продолжам да давам 100 проценти од можностите за да ги исполнам нашите цели. Тешката работа секогаш се исплати, рече Ботас.

Финецот по десет трки во тековната сезона е на петтата позиција со 104 поени, додека водечкиот Себастијан Фетел од Ферари има 171. Тој во својата кариера има три победи, 26 подиуми, а пет пати ја освои пол-позицијата.