Меркел ја повика Европа за нова улога без лидерство на САД

Европските земји треба сериозно да размислуваат за новата реалност, во која Соединетите Американски држави повеќе нема да се стремат кон улогата на светски лидер како што тоа беше порано. Ова мислење го изрази германската канцеларка Ангела Меркел во интервју за голем број европски весници, меѓу кои и британскиот „Гардијан“.

„Растевме мислејќи дека САД сакаат да бидат светска сила. Ако Соединетите држави сега сакаат да престанат да ја играат оваа улога по своја согласност, треба да размислиме сериозно за тоа“, рече Меркел.

Нејзините забелешки дојдоа како одговор на одлуката на претседателот Доналд Трамп да го намали американскиот контингент во Германија од 35.000 на 25.000 војници, бидејќи тој рече дека Германија не троши доволно за одбраната на НАТО.

„Ние во Германија знаеме дека треба да потрошиме повеќе за одбрана, постигнавме значително зголемување (трошење) во последните години и ќе продолжиме по овој пат да го зголемиме нашиот воен потенцијал“, рече Меркел.

„Погледнете го светот, Кина или Индија. Постои добра причина да се одржи посветеноста кон трансатлантската одбранбена заедница и нашиот заеднички нуклеарен чадор. Но, се разбира, Европа мора да носи поголем товар (за трошоците) отколку за време на Студената војна “, рече таа.

Меркел се осврна и на односите со Русија, со кои Берлин мора да продолжи со конструктивен дијалог.

„Постојат дури и причини да се продолжи со конструктивниот дијалог со Русија. Во земји како Сирија и Либија, кои се многу блиски до Европа, стратешкото влијание на Русија е огромно. Затоа ќе продолжам да се залагам за соработка“, рече Меркел.

Таа додаде дека „хибридните војувања и методите за дестабилизација се модели на однесувањето на Русија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.