Меркел: Берлин ќе преземе максимум за германските избори да не ја блокираат ЕУ

40

Берлин ќе преземе сѐ што е во негова моќ за да се избегнат можните долги преговори за формирање на идната германска влада по парламентарните избори на 26-ти септември за да не биде блокирана Европската унија, изјави во четвртокот во Париз германската канцеларка Ангела Меркел.

„Ќе сториме сѐ што е во нашата моќ за да избегнеме тој период предолго да трае“, изјави Меркел придружувана од францускиот претседател Емануел Макрон чијашто земја ќе го преземе претседавањето со ЕУ на први јануари.

„Програмата во поглед на климатските промени е изискува многу и мораме да видеме како можеме најбрзо да напредуваме, истовремено штитејќи ја нашата индустриска база во Европа“, појасни германската канцеларка која ќе ја напушти должноста по речиси 16 години на власт.

Во текот на претходните германски парламентарни избори во 2017 година преговорите траеја речиси шест месеци, што го принуди штотуку избраниот француски претстедател Емануел Макрон да биде трпелив неколку месеци пред покренувањето на својата европска агенда.

„До формирањето на следната влада (во Берлин), канцеларката и јас ќе продолжиме да работиме рака-под-рака на големите предмети за кои се обидуваме да најдеме француско-германски решенија“, рече Макрон.

„Помалку од четири месеци пред француското претседавање со Европската унија, Франција и Германија и натаму работат заедно на напредувањето на нашата заедничка агенда. Ќе ги продолжиме разговорите за големите приоритети и нивните решенија во текот на шесте месеци од француското претседателство“, додаде Макрон.

Ги наброја, меѓу другите, преговорите за климатското законодавство, прилагодувањето на дигиталната регулатива и борбата против недозволените содржини на инернетот и јакнењето на кибернетичката безбедност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.