Меркел: Германија, со останатите земји членки од ЕУ, ќе се бори за договорен Брегзит

Германија, заедно со останатите членки на ЕУ, и натаму ќе се обидува да се избори за договорен Брегзит, денеска од Нинберг изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

-Сите останати 27 земји членки на Европската унија до последниот ден ќе се борат за тоа Велика Британија да не излезе нерегулирано  од ЕУ, кажа Меркел на собир по повод Денот на синдикатите ИГ Метали.

Таа нагласи дека во случај на недоговорен Брегзит треба да се направи се овој процес да биде што е можно поподнослив за граѓаните, како на Велика Британија, така и на остатокот од ЕУ.

-Ние сакаме негативните последици да ги сведеме на најмала можна мерка, рече Меркел. Во тоа спаѓаат безвизниот режим, како и исплатата на пензиите за оние кои дел од својот работен век го минале во Велика Британија.

Последните денови британските медиуми пишуваат за тоа дека Меркел во текот на телефонскиот разговор со британскиот премиер Борис Џонсон ги поставила условите на ЕУ за границите меѓу Северна Ирска и Република Ирска кои, како што се наведува, се „неприфатливи за Велика Британија“. Германската Влада ги демантираше овие тврдења.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.