Меркел гледа „значителен напредок“ во преговорите за името

Германската канцеларка Ангела Меркел на завршната конференција за медиумите по завршувањето на самитот ЕУ-западен Балкан во Софија во четвртокот потврди дека Македонија и Грција постигнале напредок во решавањето на името и за тоа добила потврда од двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

„Разговорите меѓу Македонија и Грција напредуваа добро и направен е значителен напредок. Прашањето за името за Македонија е важно“, изјави Меркел.

Во врска со одлуките за проиширување на ЕУ, германската канцеларка рече дека денеска немало одлука и дека тоа прашање се останува за европскиот самит во јуни, но додаде дека сите земји од западен Балкан имаат европска перспектива.

„Нема датум за проширување. Но секако бараме владеење на правото и борба против корупција, а потребен е и суштински напредок кај земјите“, рече Меркел.

На прашањето дали Германија во јуни ќе поддржи почеток на преговори со Албанија и Македонија, Меркел рече дека Македонија и Албанија секој ден напредуваат во исполнување на условите, особено тоа е случај со Македонија околу името.

Претходно Заев придружуван од вицепремиерот Бујар Османи и министерот Никола Димитров се сретна со Меркел при што истакнал дека „големата поддршка на граѓаните за аспирациите на земјата за членство во ЕУ и НАТО говори дека земјата нема друга алтернатива“.

Воедно, премиерот изразил убеденост дека Германија ќе ја посвети својата поддршка за датум за преговори на претстојниот Самит на Европскиот Совет во јуни.