Меркел и Макрон бараат подобрa контрола на влегувањата во шенгенската зона

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон повикаа во вторникот на мини самитот на Европската унија на подобра контрола на влегувањата во шенгенската зона, во контекстот на терористичките напади со исламистичка заднина во Австрија и во Франција.

Германската канцелара рече дека Европската унија, имајќи ги предвид последните терористички напади, треба итно да ја реформира својата политика на отворените граници на подрачјето на Шенген.

„Би сакала да го споменам системот на влегувања и излегувања во подрачјето на Шенген кој би требало да биде завршен до 2022 година. Од клучна важност е да се знае кој влегува и кој ја напушта шенгенската зона“, рече Меркел за новинарите по мини-самитот со другите челници од Европската унија одржан преку видеоврска.

На мини-самитот освен Меркел и Макрон, учествуваа и австрискиот канцелар Себастијан Курц, холандскиот премиерт Марк Руте, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателската на Европската унија, Урсула фон дер Лејен.

И францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ЕУ мора да ја преиспита својата политика на отворени граници во Шенгенг зоната. ЕУ сака да ги задржи своите граници отворени, но сака подобро да ги заштити своите надворешни граници, рече Макрон.

„Терористичката закана е европска стварност којашто бара координиран и брз одговор. Таков одговор мора особено да вклучува развој на заедничките бази на податоците, размена на информациите и јакнење на казнените политики, како и целосно и ригорозно спроведување на арсеналот мерки“, кој ЕУ веќе го поседува, рече Макрон по конференцијата со челниците на ЕУ посветена на безбедноста.

Макрон минатата седмица повика на создавање „вистински безбедносни полициски сили“ на надворешните граници во шенгенската зона на ЕУ.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц повика на „посилен правен притисок“ на илјадници исламистички борци кои се враќаат од блискоисточните и другите боишта во светот во земјите на ЕУ.

„Доколку сакаме да ја заштитиме слободата на сите, мораме да ја ограничиме слободата на тие луѓе“, рече Курц потсетувајќи дека многу борци на џихадистичката организација Исламска држава ќе бидат пуштени од затворите во земјите во ЕУ во текот на следните години.

Кон крајот на октомври Франција беше цел на неколку исламистички напади од кои два беа изведени од 18-годишен доселеник од Чеченија и 22-годишен илегален мигрант од Тунис кој пред само еден месец пристигнал во Европа, а во Виена, пак, на почетокот од ноември напаѓачот беше 20-годишен симпатизар на Исламската држава роден во Австрија во семејство по потекло од Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.