Меркел и Оланд: Нема брзање околу изборите на нов шеф на ЕК

Германија и Франција предупредија дека би можело да поминат повеќе недели по изборот за Европски парламент на 25 мај, пред лидерите на Унијата да изберат нов претседател на Европската комисија (ЕК).

„Планиран е состанок на европските лидери и шефови на влади на 27 мај, но одлуката нема да биде донесена веднаш по изборите,“ изјави германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата на претседателот на Франција, Франсоа Оланд на Северна Германија, пренесува АФП.

„Преговорите ќе траат неколку недели,“ ијзави германската канцеларка.

Оланд исто така изјави дека одложувањето ќе биде неопходно, за да се дојде до најдобра номинација, иако резултатите од изборите ќе бидат испочитувани.

Сигнализирајќи на одложување, Оланд и Меркел исто така укажуваат дека именувањето на лицето кое ќе го замени Жозе Мануел Баросо најверојатно ќе помине со „политичка трговија на гласови“, наведува француската агенција укажувајќи дека новите правила на ЕУ сакаат да ја избегнат таа ситуација.

Според Лисабонскиот договор од 2009 година, националните лидери мораат по првпат да ги земат предвид изборните резултати за Европскиот парламент, кога ќе го номинираат лицето кое ќе биде на чело на ЕК.