Германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, по разговорите со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, го потврди единството на Германија и Полска во врска со мигрантската криза на границата со Белорусија.
„Се согласуваме за природата на кризата, но и за тоа како треба да се реши истата“, рече Меркел по средбата со Моравјецки.
Меркел, која ќе биде премиер на техничката влада до инаугурацијата на новата германска влада на почетокот на декември, гарантира целосна солидарност со Полска.
„Ние Европејците мора да бидеме сложни“, рече Меркел, нагласувајќи дека треба да се разгледаат нови санкции против белорускиот режим доколку кризата не се придвижи.
Таа уште еднаш ги оправда своите телефонски разговори со белорускиот претседател Александар Лукашенко, кого Европската унија не го смета за легитимен лидер по минатогодишните нерегуларни избори.
„Санкциите се една работа, но од друга страна мораме секогаш да се покажеме отворени за дијалог доколку тој дијалог придонесува за решавање на проблемот“, рече Меркел и додаде дека Белорусија не е само против Полска, туку и целата Европска унија.
Полскиот премиер Моравјецки повтори дека Полска ја штити границата на ЕУ, а со тоа и нејзините членки.
„Ние ја браниме и Германија од голем бран на мигранти. Лукашенко постојано ја проверува безбедноста на оваа граница“, рече Моравјецки.
Истовремено, Полска, нагласи тој, со помош на Европската комисија и Германија, успеала со дипломатски напори да ги запре летовите од Блискиот Исток до Белорусија.
Меркел и Моравјецки ја обвинија Белорусија за хибридни напади и обид за дестабилизација на Европската унија.