Свет

Меркел и Путин разговараа за тешките светски теми

Меркел и Путин разговараа за тешките светски теми

Украина, Сирија, Иран и гасоводот Северен тек 2 се главните теми на разговорите меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин во саботата доцна ноќта крај Берлин, а за временски да не ја ограничуваат својата дискусија за билатералните и регионалните прашања, челниците ја прекршија традицијата и конференцијата за новинарите ја одржаа пред работната вечера.

Пред новинарите Меркел и Путин, така, само генерално ги истакнаа темите на раговорите.

„Сметам дека, тоа е факт, ширум светот има многу сериозни конфликти, кои ја нагласуваат потребата да се изнајдат решенија. Мислам дека несогласувањата може да се решат само преку преговори“, изјави Меркел оценувајќи го состанокот со рускиот челник продолжување на дијалогот од мај во црноморското пристаниште Сочи.

Стоејќи крај Путин, Меркел рече дека двете земји, а особено Русија како постојана членка на Советот за безбедност при Обединетите нации, имаат одговорност да се занимаваат со овие проблеми. Рече дека има намера да го покрене прашањето на човековите права со Путин и да разговара за меѓусебните односи кои се тензични откако црноморскиот полуостров Крим во март 2014 година преку референдуми си ја поврати автономијата укината во 1990-те години и се просоедини на Руската Федерација, што Западот го сметаат за нелегално руско анектирање на украинска територија.

„Мислам дека спорните прашања може да се решаваат во дијалог и низ дијалот“, рече Меркел пред разговорите со Путин во владиниот дворец Мезенберг недалеку од Берлин.

 

Украинскиот конфликт

Во изјавата за медиумите, германската канцеларка повика на продолжување на потрагата по решение за конфликтот во Украина.

„Договорите од Минск беа и остануваат основа, иако мораме да констатираме дека се’ уште немаме стабилно примирје. Се надеваме дека пред почетокот на учебната година, ќе се направи уште еден обид за постигнување напредок во раграничувањето на спротиставените страни“, истака Меркел.

„Ние, исто така, ќе разговараме за можноста од воспоставување мисија на ОН, којашто би можела да придонесе за помирувањето. Германија, во секој случај, е подготвена да придонесе во рамките на ‘Нормандскиот формат’ (челниците на Украина, Русија, Франција и Германија – з.р.) во тие напори“, рече Меркел.

Путин истакна дека Русија е подготвена да бара решенија за украинската криза.

„Во контекстот на решавањето на украинската криза, што, за жал, никако не напредува, имам предвид да го истакнам недостигот од алтернатива за реализацијата на Минските договори, нашата заинтересираност за работата во ‘Нормандискиот формат’ и Контактната група, подготвеноста и натаму да продолжи поддршката на специјалната набљудувачка мисија на ОН. Се надевам дека ќе успеем да оствариме напредок“, додаде Путин.

 

Северен тек 2

Говорејќи на прес-конференцијата на која немаше прашања, Меркел го спомена и гасоводниот проект Северен тек 2 кој би испорачувал руски гас под Балтикот до Германија. Германската канцларка рече дека Украина и натаму треба да ја има улогата на транзитот кон Европа, и го поздрави почетокот на преговорите меѓу ЕУ, Украина и Русија за тоа.

САД, исто како и некои земји од ЕУ вршат притисок врз Германија да ги запре работите на Северен тек 2 со кој ќе го удвои увозот на руски гас, наведувајќи дека тој ќе ја зголеми зависноста на Берлин од Русија, но од германска страна се одговара дека американскиот течен гас кој се нуди како замена е прескап во моментов.

Украина стравува дека гасоводот ќе ѝ овозможи на Русија да ја исклучи од тргувањето со гасот, што е и една од прочините по неколкуте „гасни војни“ кога Москва го обвини Киев дека го поткраднува гасот наменет за потрошувачите во Европа, а источноевропските соседи на Германија исто така стравуваат дека поскапо ќе го плаќаат гасот.

Путин притоа повторно ја увери Меркел дека Северен тек 2 не ја затвора можноста за транзит на гас низ Украина, а за гасоводот истакна дека е исклучиво економски проект.

„Би сакал да истакнам дека главната работа е украинскиот транзит, кој за нас е традиционален, да ги задоволи економските барања. Северен тек 2 е исклучиво економски проект“, рече Пути.

Во контекстот на темата Северен тек 2, ниту Путин ниту Меркел не ги споменаа САД. Претходно седмицава амерканскиот сенатор Џон Барасо во Конгресот поднесе предлог-закон за санкции против инвеститорите во руските проекти за извоз на енергенси. Според сенаторот, целта на законот би била „да им се помогне на сојузниците во НАТО да ја избегнат политичката принуда од Русуја“, којашто според него ги користи енергетските ресурси за геополитички цели. Меѓутоа, аналитичарите овој чекор го оценуваат како обид и желба на САД да издејствуваат на европскиот пазар зголемување на продажбата на својот течен природен гас, кој е многу поскап од рускиот, вклучително и со инфраструктурата потребна за негова испорака.

 

Иранско прашања

Уште едно прашање кое е поврзано со американски санкции е иранската нуклеарна програма, откако САД се повлекоа од меѓународниот договор, заканувајќи се со акции против компаниите кои работат во Иран, по што веќе неколку германски гиганти ги откажаа своите активности.

„Германија ќе го поддржува зачувувањето на нуклеарниот договор, но со вознемиреност ја гледаме активноста на Иран во регионот, без разлика дали станува збор за конфликтот во Јемен, програмата за развој на балистичките ракети, ситуацијата во Сирија“, рече Меркел.

Путин, исто така, ја истакна потребата од зачувување на потпишаниот пред три години Заеднички сеопфатен план за акција за иранската нуклеарна програма кој со Техеран го потпишаа САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, од кои се повлече Вашингтон.

„Крајно важо е да се сочува овој мултилатерален договор одобрен од Советот за безбедност при ОН, чија цел е зајакнување на регионалната и глобалната безбедност и режимот на неширење на нуклеарното оружје“, рече Путин имајќи го предвид американското повлекување од договорот во мај годинава.

Договорот меѓу Иран и шесте светски сили, повикува на укинување на децениските економски сканции против Техеран во замена за ограничување на збогатувањето на ураниум и нивно ставање под меѓународна контрола. Иранските челници се заканија дека доколку повторно бидат воведени санкциите против нивната земја, Техеран ќе се врати на збогатувањето на ураниумот.

 

Сирискиот конфликт

Путин и Меркел, исто така, рекоа дека ќе разговараат и за решавање на сирискиот конфликт. Германската канцеларка истакна дека воените активности во Сирија се во пад, но останува и натаму тешката хуманитарна ситуација. „Ние прво мораме да избегнеме да се случи хуманитарна катастрофа“, рече.

Ги посочи регионите околу сириската покраина Идлиб, а истакна дека со Путин веќе разговарале за уставни реформи и можни избори во текот на мајската средба во Сочи.

Путин пред новинарите рече дека мора да се стори се’ за да им се помогне на сириските бегалци да се вратат во својата татковина, како и дека на Сирија треба да ѝ се помогне во обновување на розорената инфрастуктура.

„Важно е да се зголеми хуманитарната компонентна во сирискиот конфликт, имајќи предвид во прв ред укажување хуманитарна помош на сирискиот народ, и да им се помогне на оние региони во кои може да се вратат бегалците кои се надвор од земјата“, рече рускиот претседател.

Русија последните месеци го промени тежиштето на нејзините воздушни дејствиања од бомбардирања на воспоставување сигурни зони за да им се овозможи на сириските бегалци да се вратат во својата татковина.

Според рускиот претседатл, неопхоно е да се помогне во обновување на водоснабдувањето, канализациската инфраструктура и медицинската грижа. Притоа изрази убеденост дека за тоа се заинтресирани сите, вклучително и Европа.

Путин рече дека приливот на сириски бегали во Европа претставува потенцијално „голем товар“. Меркел се соочи со голем политички притисок поради отворањето на границите на Германија за повеќе од милион ипол бегалци од Сирија и регионот пред три години.