10.8 C
Skopje
среда, април 24, 2024

Меркел и Санчез на финални договори за 750 милијарди евра помош за ЕУ

Ангела Меркел сака брзо решение за корона пакетот на ЕУ, но верува дека одредени позиции на земјите-членки се сè уште далеку, што беше најавено пред средбата меѓу германската канцеларка и шпанскиот премиер Педро Санчез во Берлин.

Таа рече дека поради тоа, сè уште не може со сигурност да каже дали ќе се постигне компромис на оваа средба.

Оваа средба треба, меѓу другото, да ги подготви темелите за самитот на ЕУ оваа недела, на кој што треба да се најде компромисно решение на предлогот на Европската комисија за фонд за помош во надминување на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Шпанскиот премиер апелира до претседателите на земјите членки на ЕУ да постигнат договор за пакетот за помош оваа недела.

„Ако го одложиме договорот, ќе ја одложиме и реконструкцијата. И ако ја одложиме реконструкцијата, кризата ќе се продлабочи уште повеќе“, рече Санчез, додавајќи дека мора да се постигне договор „уште во јули“.

„Шпанија ќе стори сé за да постигне договор оваа недела на самитот во Брисел“, рече Санчез во Берлин.

Тој е свесен дека позициите сè уште се оддалечени, но дека е важно да се постигне договор и за долгорочниот буџет на Европската унија и за пакетот за корона, затоа што, како што рече, „овие две работи се поврзани“.

Канцеларката Меркел, која претседава со Советот на Европската унија од почетокот на месецот, вчера се сретна во Берлин со италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој исто така инсистира на договор за помош што е можно поскоро.

Планот предвидува вкупно 750 милијарди евра помош, од кои 500 милијарди би биле исплатени во форма на пакети за неповратна помош и 250 во форма на заеми. На ова решение најмногу се спротивставува т.н. скромен квартет составен од Австрија, Данска, Холандија и Шведска.

Минатата недела, Меркел разговараше и со холандскиот премиер Марк Руте, кој денес повторно изрази скептицизам за брз договор за пакетот помош за корона кризата. Холандија е застапник на построги услови под кои би се исплаќала директна финансиска помош.